Таткото на Фросина, Тодор Кулаков: „Зошто го променија предметниот судија на истражната постапка?“
На денешниот протестен марш за Фросина Кулакова присуствуваа повеќе од илјада луѓе. На рутата со почетна дестинација кај Универзална сала и крајна точка кај Кривичен суд, се помина и откај Собранието на РСМ. Таму, покрај триминутниот молк што се одржа за Фросина, имаше и обраќање на нејзиниот татко до јавноста.
Тој истакна дека доколку немаше притисок од јавноста, случајот ќе беше ставен во папка. Во една од своите изјави за медиумите, Тодор се осврна кон корумпираноста на судството и неправдата:
„Затоа откако овој криминалец, нарко-гангот негов ја удира со 160 км на час ќерка ми, на пешачки семафор, татко му доаѓа, и веднаш веројатно почнува операција па три саати чекаме дежурен обвинител во строг центар знаејќи дека нема друг случај, знаејќи дека тој обвинител е платен за тоа. Зошто? Зошто и дали нешто се договарало? Да се прашаме зошто утредента во 22:30 часот вечерта сменет е предметниот судија на истражната постапка, зошто? Исто така горам од желба да го научам неговото име и презиме, да ми каже мене што направил тој ден, зошто го смениле?. Да се прашаме дали нешто е договорено за причината за неговата смена, затоа не е ни 2% поддршка на судството и затоа е оваа борба, за правда за Фросина“, порача таткото.
По упатување благодарност за поддршката кон граѓаните, Тодор ги замоли граѓаните да му дозволат на семејството да се повлече за да можат да тагуваат. Протестирачите им ја дадоа целата поддршка викајќи „Ќе се бориме за вас“ и „Одиме до крај“.