Масовни демонстрации против десницата во Германија

Во Берлин во неделата, 2.02.2025, демонстрираа околу 160.000
Во Берлин во неделата, 2.02.2025, демонстрираа околу 160.000

Протестите беа поттикнати од поднесок на конзервативната Христијанско-демократска унија на Германија (ЦДУ) под водство на Фридрих Мерц и нејзината сестринска партија Христијанско-социјална унија (ЦСУ) од Баварија од минатата среда (29.01) во германскиот Бундестаг за драстично заострување на политиката за азил. Предлогот беше усвоен само благодарение и на гласовите од АфД. Во петокот во Бундестагот не беше изгласан предлог-закон од ЦДУ/ЦСУ кој оди во таа насока. АфД едногласно беше „за“, но не и сите пратеници од предлагачите ЦДУ/ЦСУ, како и од Либералите (ФДП).

Германија Берлин 2025 | демонстрации против АфД и за демократски вредности
Демонстрантите од првиот ред на протестната поворка со банер на кој стои: „Ние сме противпожарниот ѕид – нема соработка со АфД“Фотографија: Christian Mang/Reuters

„Грешка што не може да се прости“

На почетокот на демонстрантите во Берлин им се обрати еврејскиот публицист Мишел Фридман, кој ја напушти партијата ЦДУ поради неодамнешните настани. Тој АфД ја опиша како „партија на омразата“, а заедничкото гласање на ЦДУ/ЦСУ со АфД како „грешка што не може да се прости“.

Во неделата попладне, демонстрантите од пред зградата на Рајхстагот, каде што е сместен Бундестагот, се движеа до централата на ЦДУ. Тие се загрижени поради можно поместување на Германија кон десно. Еден демонстрантка за ДВ изјави дека смета оти е „многу, многу важно да им се стави до знаење на Фридрих Мерц, на ЦДУ и на ФДП – партиите од демократскиот центар – дека се во процес на напуштање на демократскиот центар“. Ако партиите не се свесни за тоа, мора да бидат освестени, смета таа.

Германија Берлин 2025 | Мишел Фридман
Мишел Фридман ја напушти ЦДУ поради неодамнешните настаниФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

„Јас сум Италијанка и знам што се случува“

Една млада жена за ДВ изјави дека морала да учествува на протестот затоа што е Италијанка и знае „што се случува кога се засилува екстремната десница, за жал не само во Италија, туку и во целиот свет“. Таа смета дека е опасно ако ЦДУ го поддржува подемот на десницата. Друг демонстрант оценува: „Мислам дека е важно да протестираме додека сè уште имаме право да го правиме тоа. И не треба да заборавиме да се сеќаваме на минатото и она што се случило тогаш за да имаме подобра иднина“. Тој алудира на најтемното поглавје во германската историја, времето на националсоцијалистите, кое кулминираше во Втората светска војна со милиони загинати и убиени.

Репортерот на ДВ, Александар Герст, го следеше протестот во Берлин. Имало луѓе на сите возрасти, од деца до сениори, вели тој. Протестот ги доживеал како гласен, но мирен. „Само еднаш видов како се корне изборен плакат на ЦДУ“, вели Герст и додава дека инаку не забележал никакво предизвикување материјална штета, а камоли физички напади. Демонстрантите не можеле целосно да продрат до партиската централа на ЦДУ каде што се одржал последниот митинг. „Имаше кордони, а и во седиштето на ЦДУ беше мрачно“, вели репортерот на ДВ, Александер Герст.

Германија Берлин 2025 | Протестна поворка пред централата на ЦДУ
Протестната поворка заврши пред централата на ЦДУ во БерлинФотографија: dts-Agentur/picture alliance

„Фриц, слушај ја мама“ – „Мама вели не!“

На демонстрациите во Берлин на еден транспарент беше испишано „Фриц, слушај ја мама“, а на друг „Мама вели не!“. Фриц е скратена форма од Фридрих и се мисли на претседателот на ЦДУ и кандидат за канцелар Фридрих Мерц. А „мама“, е прекарот кој народот ѝ го даде на Ангела Меркел, претседателка на ЦДУ пред Фридрих Мерц и канцеларка од 2005 до 2021 година. Меркел и Мерц никогаш немале близок однос, но сепак беше изненадување што поранешната водечка демохристијанка во четвртокот се огласи преку писмено соопштение оценувајќи дека постапувањето на ЦДУ под Мерц – при заострување на миграциската политика да се потпира и на гласовите од АфД, е погрешно.

Предвремените сојузни избори во Германија треба да се одржат на 23 февруари, сите партии се во изборна кампања, а ЦДУ сака Мерц да биде следниот канцелар. Јавна критика од поранешната канцеларка и поранешна лидерка на ЦДУ секако не е од корист за предизборната кампања.

Германија Берлин 2025 | демонстрации против АфД и за демократски вредности
„Мама вели не“ – плакат на демонстрациите во БерлинФотографија: Hannes P Albert/dpa/picture alliance

Демонстрации низ цела земја

Протестот во Берлин беше најголемиот, но не и единствениот што се одржа во текот на изминатиот викенд. Според полицијата, вчера околу 20 илјади луѓе излегоа на улиците во Регенсбург за да протестираат против расизмот и политиката за азил на ЦДУ/ЦСУ. Протести имаше и во многу други градови. Поголеми демонстрации против десницата се одржаа уште во саботата во Хамбург со 65 до 80 илјади учесници. Во Келн и во Штутгарт, според организаторите, имало речиси 45 илјади луѓе.

Најавени се и многу други протести. Иницијативите „Заедно против десницата“ и „Петоци за иднината“ повикаа на протест во Берлин денеска претпладне, по повод партискиот конгрес на ЦДУ кој исто така се одржува во главниот град. Независно од протестите, ЦДУ сака да усвои „итна програма“ со миграциските планови на Фридрих Мерц, кои вклучуваат и постојани гранични контроли и одвраќање на бегалци без патен документ уште на границата. Сѐ уште е нејасно како ќе гласаат делегатите на ЦДУ и дали ќе има критики за Мерц и неговиот курс.(dw)

Back to top button
Close