Судијата го предупреди Палчо дека ќе биде отстранет
Судијата два пати го опомена Љупчо Палевски Палчо, првообвинетиот за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски на судското рочиште поради дофрлање додека се гледаат снимките, докази од Обвинителството, пренесе Слободен печат.
-Обвинетиот да не коментира како се судело со факти или без факти. Трета опомена нема да има, ќе ве отстранам – рече судијата Ивица Стефановски кој го води случајот.
Обвинителството презентираше снимки од хотелот „Сити парк“ и снимки од камера на козметички и фризерски салон на кои се гледа движењето на автомобилот „цитроен“, со кое беше грабнато девојчето.
Една од снимките беше и онаа која таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски му ја пратил на началникот Дејан Димовски.
Тоа е снимка од камерата на козметичкото студио во близина на зградата каде што е грабнато девојчето на улица „Наум Наумовски Борче“ на 27 ноември 2023 година.
-Ова видео го праќа обвинетиот Ѓорчевски во порака на началникот Дејан Димовски со наводи дека нешто му е чудно. Во 7:29 часот се гледа како поминува возилото „цитроен“. Ова е всушност времето кога е грабнато девојчето – рече една од обвинителките која го води случајот.
…