Повик за бојкот на продавниците во Косово на 10 февруари

На социјалните мрежи во Косово се појавија повици за бојкот на трговската мрежа на 10 февруари, како протест против високите цени.

Групата „Бојкотирај ги маркетите“ (BOJKOTO MARKETET) на Фејсбук ги повика граѓаните да не купуваат ништо во супермаркетите тој ден. Бојкотот ќе трае 24 часа, а организаторите ги повикуваат граѓаните да ги набават неопходните намирници од зелените пазари и локалните земјоделци.

„На 10 февруари нема да купуваме ништо во супермаркетите, а ако нашиот глас не се слушне, ќе преземеме и други мерки“, стои во најавата за настанот на Фејсбук.

Организаторите истакнуваат дека не се поврзани со ниту една политичка партија, но се загрижени поради растот на цените и бараат праведни и прифатливи цени за граѓаните.

Во групата се споделуваат статистики кои го споредуваат поскапувањето во Косово со цените во европските земји. Според податоците на платформата за трошоци на живот „Нумбео“ (Numbeo), литар млеко во Косово чини 1,35 евра, додека во Португалија 0,97 евра, во Германија 1,14 евра, а во Белгија 1,17 евра.

Една споредба покажува дека цените на некои основни производи во Косово и Полска се слични, иако минималната плата во Полска е 1.725 евра, а во Косово 500 евра.

„Ниту во кеш. Ниту со картичка. Со бојкот!“, порачуваат организаторите.

Back to top button
Close