Фросина најсилно ги сврти рефлекторите кон судството
Името на судијката се најде во вкрстен оган и меѓу партиите. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека таа во изминатите седум години е главен извршител на политичките монтирани процеси на СДСМ против ВМРО-ДПМНЕ, носејќи драконски казни за политички неистомисленици, додека криминалци и нарко-дилери блиски до поранешната власт добиваа поблаги санкции или беа ослободувани.
Од СДСМ возвратија дека судијката и таткото на сторителот се блиски до ВМРО-ДПМНЕ, а таа била избрана во 2012 година од фамозното „тефтерче” на Гордана Јанкулоска. По ова, од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција презентираа фотографии од куќа за која велат дека е сопственост на таткото на судијката, во која бил сместен партиски штаб на СДСМ во Ранковце.
„Близината на судијката Даниела Алексовска Стојановска со СДС се гледа не само по нејзините пресуди против ВМРО-ДПМНЕ, туку и по тоа што на истите им отстапила простор за партиски штаб (…) Ова се судиите на СДС, заради кои се потребни итни реформи во судството“, рече пратеникот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Ниска доверба
А каква е перцепцијата на граѓаните за судството покажа анкетата презентирана од „Детектор”, спроведена Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС). Анкетата е спроведена телефонски, во периодот од 24 -ти до 27- ми декември 2024 година, на репрезентативен примерок од 1066 испитаници.
Според резултатите, 62,6 % од граѓаните сметаат дека во Македонија не можат да добијат фер судење, а 23,5 % велат дека можат. Дека правдата во земјата е селективна сметаат 73,5%, а во неселективна правда веруваат 19,3%. Доверба во судството имаат 8,4% од испитаниците, а 18,4% „донекаде му веруваат”, со што 26,8% од испитаниците имале позитивен став кон судската власт. Од друга страна, 51,6 % одговориле дека воопшто не му веруваат на судството.
На Обвинителството му веруваат 5,8% проценти од испитаниците, донекаде му веруваат уште дополнителни 20,5%, а не му веруваат 50,5 %. Од испитаниците 77,2% сметаат дека постојат надворешни влијанија врз правосудството, додека 10,8% сметаат дека е независно.
Околу 64% сметаат дека во изминатиот период поголемиот број на судски постапки и пресуди против поранешни и актуелни функционери не биле фер и праведни. Односно 44% проценти се изјасниле „не, најголем дел од нив не беа фер“, а 20,4% – „не, повеќето не беа фер“.
Големо е мнозинството на граѓани кои сметаат дека Судскиот Совет и Советот на јавни обвинители треба да бидат распуштени. Дека треба целосно да се распушти Судскиот Совет сметаат 57,8% од испитаниците, а 17,8% дека не треба. Случен процент (54,6%) сметаат дека треба да се распушти Советот на јавни обвинители, а 18,8% – не.
Транспарентност и одговорност
Имајќи предвид дека „случајот Фросина“ сега го сврте вниманието и кон претходна (од јавноста критикувана) судска пресуда за сторителот во врска со производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, се поставува прашањето дали во Судскиот совет ќе се постапува за проверка на работењето на судиите кои одлучувале за тој случај.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, не исклучи таква можност.
„Основна претпоставка е дека судиите, а секако и обвинителите, постапуваат во согласност со законите, Уставот (…) Тоа е стартна позиција. Ако се јави каков било сомнеж дека не се постапувало на таков начин, сигурно дека ќе има проверки. Меѓутоа во старт ние мора да им веруваме на тие професионалци коишто си ја извршуваат својата работа и да ги оставиме да ја вршат својата работа. Секако дека доколку нешто не се прави како што треба, ќе има и некаква одговорност од нивна страна“, рече тој на ТВ Сител.
Реакциите на граѓаните ги оцени како оправдани, со оглед дека во повеќе наврати имало такви несреќни случаи. Но смета и дека дел од шпекулациите би можеле да се избегнат, со навремени информации од судството и обвинителството.
„Она што како критика можеби повеќе може да се насочи и кон судството и кон обвинителството е таа транспарентност, навремено реагирање на секоја ситуација. Доколку веднаш реагираме на некоја ситуација, не оставаме простор да се јават лажни вести, лажни податоци, лажни информации, кои уште повеќе ја влошуваат реакцијата која природно се јавува кај граѓаните“, рече Камбовски.
Коментирајќи ги резултатите од анкетата на „Детектор”, според кои тој 57,8% од испитаниците сметаат дека треба целосно да се распушти Судскиот Совет, но и изјавите на премиерот по тоа прашање, Камбовски вели дека е во право и извршната власт. Притоа потсети дека единствено во Законот за Судскиот совет има одредби и е пропишан начин како се разрешуваат неговите членови.
„Од друга страна, во право е и премиерот – зошто тие што сме ги предложиле од Собранието, да не може да ги отповикаме ако не сме задоволни. Затоа велам – и извршната власт е во право, и ние сме во право. Но за тоа мора да се направи една поширока дебата и разговор и да се најде некое решение, за тоа што некое друго законско решение во моментов не гледам”, рече Камбовски. (Dw)