Калас: Мораме да го зголемиме глобалното влијание на ЕУ како антитеза на автократската оска

Нашиот план е да го зголемиме влијанието на Европската Унија на глобално ниво, како антитеза на автократската оска што се формира денес во светот, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во обраќањето на отворањето на Годишната конференција на амбасадорите на Унијата, насловена „Надворешна политика на ЕУ што испорачува“, која од денеска до петок се одржува во Брисел.

Калас нагласи дека едно истражување од минатиот месец покажало дека граѓаните на многу земји во светот сметаат дека ЕУ ќе има поголемо глобално влијание во следната деценија.

– Таа вербата во капацитетот на ЕУ како глобален актер, на исто ниво со САД и Кина, е поголема од онаа што ја чувствуваат граѓаните од многу земји на Европската унија… Нашата моќ се слободата, достоинството, еднаквоста, просперитет. Тоа е моќта на привлекување. Тоа е нашата најсилна алатка, истакна Калас.

Според неа, поддршката на Украина мора да биде главен приоритет на ЕУ, затоа што рускиот претседател Владимир Патина „ја сака цела Украина, а таа не е негово за да ја земе“.

– Тој не е загрижен од НАТО, бидејќи ако беше, немаше да ги повлекува своите војници од границите на НАТО за да се бори во Украина. Тој е повеќе загрижен од проширувањето на демократијата и вредностите за кои се залага ЕУ. Проблемот е што Русија се бори против нас на неколку стотици километри од нашите граници, рече Калас.

Од тие причини, според неа, ЕУ мора да помогнеме да се стави крај на војната, но за да опстои мирот на начин на кој заслужува Украина, мора да се изврши притисок врз Кремљ за да ги промени своите цели.

– Затоа, мора да бидеме посилни од Русија, со санкционирање на оние кои и помагаат на Русија во функционирањето на нејзината воена машинерија и со блокирање на профитот од нафта и гас кој директно се влева во државниот буџет. Нашите санкции функционираат. Руската економија се соочува со проблеми. Сега не можеме да го олабавиме притисокот. Мораме да бидеме посилни и заради Украина, додаде Калас.

Според неа, ЕУ мора да направи повеќе со својата поддршка на секој чекор за да им помогне на Украинците, кои се борат многу храбро

– Не можеме да зборуваме за правење помалку, кога треба да правиме повеќе. Ако има волја, има и начин. Така што не го прифаќам аргументот дека ова или она никогаш досега не било направено. Сакам да најдеме дополнителни решенија за финансирање за Украина, порача високата претставничка на ЕУ, нагласувајќи дека Русија претставува егзистенцијална закана за сите.

Калас истакна дека ЕУ има многу партнери ширум светот, но ниту еден од нив за неа не е толку важен како што се САД, па затоа Унијата мора да ги слуша своите пријатели.

– Исто како што сакаме САД да помогнат да се запре руската агресија во Европа, ние мора да ги разбереме основните интереси на Америка, рече Калас.

Според неа, ЕУ е најголемиот пазар за кинеските производи и многу европски земји имаат значителни интереси во Кина, но таа исто така е и стратешки конкурент на Унијата.

– Не треба со Кина да ги повторуваме истите грешки што ги направивме со Русија. Зависноста не прават ранливи. Кога требаше, ЕУ докажа дека може „да се одврзе“ од Русија. Значи, ако сакаме, можеме да го отстраниме и ризикот од Кина, смета Калас.

Таа посочи дека ЕУ мора да продолжи да ги зајакнува партнерствата со оние ги споделуваат нејзините интереси и вредности, како Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Нов Зеланд, како и со Велика Британија, која повеќе не е во Унијата, но се уште е во Европа.

Калас се осврна и на состојбите на Блискиот Исток, нагласувајќи дека првпат по многу години стигнуваат позитивни вести од овој регион – Иран слабее, во Сирија падна режимот на Башар Асад, се ослободуваат заложниците, Израел постигна договори за прекин на огнот со Хамас и Хезболах, Либан има ново раководство.

– Регионот може да се постигне напредок и ЕУ мора да има улога во тоа. Ако не сме таму да ги поставуваме вистинските прашања, да се залагаме за инклузивност и да ги промовираме демократските вредности, тогаш кој ќе го прави тоа?, запраша Калас.

Таа нагласи дека и покрај постигнатиот напредок, состојбата во регионот и натаму е исклучително кревка и сите случувања се меѓусебно поврзани.

– Шансите новите либански власти да ја реформираат земјата зависат од опстојувањето на примирјето меѓу Израел и Хезболах, судири се уште се водат и во Газа и во јужен Либан, израелското раководство се колеба околу враќањето на решението за две држави, далеку сме од тоа сите важни палестински политички групи да ја признаат државата Израел, Иран ќе се обидува да ја врати позицијата што ја загуби, а новите лидери на Сирија ги кажуваат сите вистински зборови, но се уште е рано да се процени во кој правец оди земјата. Затоа, треба да помогнеме, таму каде што можеме, порача Калас.

Според неа, Блискиот Исток бил и ќе остане многу важен регион за Европа, бидејќи неговата нестабилноста има непосреден ефект врз Европа, пред се преку зголемувањето на миграцијата и заканите од тероризмот.

– Од оваа причина мора да продолжиме да ги поддржуваме процесите на обнова во Сирија и Либан, да ја ублажиме хуманитарната катастрофа во Газа и да ја прераспоредиме нашата мисија за гранична помош во Рафа, овозможувајќи трансфер на поединци надвор од Газа, вклучувајќи ги и оние на кои им е потребна медицинска помош. Но, сакам да направиме повеќе, истакна Калас, апелирајќи на зајакнување на односите на ЕУ со регион и искористување на потенцијалите за соработка.

Калас потенцира дека ЕУ мора да ги искористи сите можности за соработка со оние со кои има заеднички интереси, без разлика дали тие земји се во Африка, Латинска Америка и Карибите, Југоисточна Азија или во регионот на Пацификот.

– Ќе процениме како нашите интереси се усогласуваат со оние на нашите партнери, но ние сепак сме Европа, рече Калас, нагласувајќи дека нема простор за соработка со оние земји кои систематски ги кршат човековите и граѓанските права и ги поддржуваат автократските режими, кои самите се прогласија за непријатели на ЕУ.

Според неа, Унијата може да се движиме напред и имаме одговорност да игра важна геополитичка улога и да ја зајакнеме својата позиција како најпредвидлив, сигурен и најкредибилен партнер во светот.

– Јасно знаеме што сакаме да постигнеме: одбрана на Украина за одбрана на Европејците, одржување и зајакнување на нашите сојузи со истомислениците, остварување мир на Блискиот Исток и негување заемно корисни партнерства. Ајде да го направиме ова заедно, порача Калас во воведното обраќање на Годишната конференција на амбасадорите на Европската Унија, на која присуствуваат над 145 шефови на делегациите и канцелариите и на воените и цивилните мисии на ЕУ ширум светот, специјалните претставници и пратеници на блокот и раководителите на претставништвата на Европската комисија во сите 27 земји членки.

Утре пред учесниците на Конференцијата ќе се обратат и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.

Конференцијата на амбасадорите на ЕУ е годишен настан замислен како собир за размена на мислења и ставови меѓу учесниците за надворешната политика, активностите, глобалните настани и стратешките приоритети на Унијата.

Back to top button
Close