ЗНМ: Осуда за попречување на новинарската работа на екипата на КЛАН-телевизија од вработена во болницата „8 Септември“

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја осудува постапката на вработена во болницата „8-ми Септември“, која го попречила новинарскиот тим на Клан телевизија при извршување на нивната работа. Ваквите обиди за ограничување на слободата на информирање претставуваат директен напад врз медиумските слободи и правото на јавноста да биде информирана за прашања од висок јавен интерес.

Потсетуваме дека со последните измени на Кривичниот законик, нападите и попречувањата на работата на новинарите ќе се третираат како напад врз службено лице и соодветно ќе се санкционираат. Секој обид за заплашување, попречување или цензура на медиумските работници е неприфатлив и бара итна реакција од надлежните институции.

Темата за проблемите на пациентите на дијализа и нивниот пристап до здравствени услуги е од големо значење за граѓаните на земјава и бара целосна транспарентност од институциите. Наместо да се спречува медиумското известување, здравствените власти треба да обезбедат отвореност и одговорност пред јавноста, особено кога станува збор за прашања што директно го засегаат животот и здравјето на луѓето.

Ги повикуваме надлежните институции да ја истражат оваа ситуација и да преземат соодветни мерки за заштита на новинарите при извршување на нивните професионални задачи. Истовремено, апелираме до сите јавни функционери и вработени во институциите да ги почитуваат демократските принципи и да соработуваат со медиумите во интерес на вистината и транспарентноста.

Слободата на медиумите е еден од темелите на демократското општество, а секој обид за нејзино ограничување е закана за правото на граѓаните да бидат информирани.

Здружение на новинарите на Македонија

Back to top button
Close