Италијански медиуми: Синот на Трамп нелегално ловел диви патки во близина на Венеција

 Доналд Трамп Помладиот, најстариот син на американскиот претседател, е обвинет за нелегален лов на диви патки во Италија и наводно застрелал многу редок вид во заштитено подрачје, јавуваат италијанските медиуми.

Случајот, во чиј фокус е видео на кое се гледа како Трамп Помладиот пука во патки додека лови во венецијанската лагуна, треба да биде прикажан пред италијанскиот парламент.

Партијата Зелена Европа (Europa Verde) поднесе жалба за случајот до регионалниот совет на Венето, додека Зелено-левичарската алијанса (АВС) побара директна интервенција од италијанскиот министер за животна средина, Пикето Фратен.

-Во еден кадар, Трамп се појавува како ги опишува застреланите патки, вклучително и златнокрилеста патка, која е многу ретка низ Европа, рече регионалниот советник во Венето и политичар од партијата Зелена Европа, Андреа Занони, кој потсети дека ловот е забранет за нерезиденти во Италија.

Занони, кој рече дека е подготвен да поднесе тужба, рече дека Доналд Трамп Помладиот минатиот декември отишол на лов со пријателите додека бил на одмор во Италија со својата нова партнерка.

Занони објасни дека сцените со лов во венецијанската лагуна се чини дека се снимени во област која е заштитена со европските регулативи и е дел од мрежата Натура 2000 на ЕУ, како посебна област за зачувување.

Во видеото Трамп дури покажува и мртва патка со златни крила и вели дека не е сигурен како се вика тој вид, но нагласува дека тоа е сосема невообичаено за таа област.

Back to top button
Close