Србија: Ректорскиот колегиум го одби повикот на Вучиќ за дијалог
Ректорскиот колегиум на Универзитетот во Белград го разгледа повикот за дијалог упатен од претседателот на Република Србија Александар Вучиќ на 3 февруари 2025 година и, изразувајќи го единството на Универзитетот, донесе одлука да не го прифати повикот во вакви околности, се вели во соопштението.
„Низата недоследности во јавните изјави на претставниците на државните органи не убедува дека дијалогот кој би довел до исполнување на студентските барања е можен, ниту пак дека е делотворен, доколку се организира меѓу две страни кои немаат мандат да расправаат за барањата и на кои тие барања не им се ниту упатени“, се наведува во соопштението.
Дополнително се истакнува дека „повикот за дијалог доаѓа во момент кога се прекршени сите морални и законски норми, во атмосфера на општа недоверба“.
„Како претставници на Универзитетот и академски граѓани, дополнително сме обесхрабрени од можноста за предложениот дијалог поради континуираните напади насочени против академската заедница во медиумскиот простор, како и сè побруталните, недозволиви физички напади во јавниот простор“, се додава.
Универзитетот во Белград уште еднаш инсистира надлежните институции да ги исполнат студентските барања и потсетува дека дијалогот мора да се води во атмосфера на заемно уважување меѓу сите релевантни актери, со доверба во институциите и во рамките на нивните надлежности.
„Универзитетот во Белград е подготвен да им пружи експертска поддршка на студентите во процесот на утврдување на исполнетоста на барањата, да ги усогласи своите понатамошни активности за воспоставување на општествен дијалог со одлуките на студентските пленуми и на тој начин да го зачува единството на Универзитетот. Сметаме дека дијалогот е клучна алатка во градењето на демократско општество, а Универзитетот во Белград, како претставник на академската заедница, значаен општествен актер и респектабилен соговорник, стои на располагање на јавноста и институциите за секоја тема од општествено значење, во рамките на своите надлежности и експертиза“, стои во соопштението.
Ректорскиот колегиум се заблагодари за поканата и порача дека ги уверува „претседателот и јавноста дека сè додека работиме во согласност со доверените должности и во рамките на нашите надлежности и компетенции, работиме за доброто на универзитетската заедница, студентите и целокупното општество“.