Во „Европскиот фронт“ се прават консултации за заеднички настап на локалните избори, вели Адеми
Прашан за коментар за изјавите од СДСМ дека нема да коалицираат со ДУИ, Адеми рече дека тие како партија секогаш имале партнерство со граѓаните
Партиите од „Европскиот фронт“ веќе ги прават консултациите за настап на локалните избори, вели портпаролот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми.
„Коалицијата не е направена само за еден изборен циклус. Таа коалиција претставува една поголема, поширока визија за градење на една заедничка држава која ја рефлектира хетерогеноста на нашето општество“,рече Адеми денеска одговарајќи на новинарско прашање дали на локалните избори коалицијата ќе настапи со заеднички кандидати.
Прашан за коментар за изјавите од СДСМ дека нема да коалицираат со ДУИ, Адеми рече дека партијата имала соопштение и остануваат на тој став и нагласи дека тие секогаш имаат партнерство со граѓаните.
„Ние секогаш сме имале партнерство со граѓаните. Секогаш ДУИ, од 2002 година, кога е основана како политичка партија до денеска победуваме на сите изборни циклуси. Ние го продолжуваме тоа партнерство со граѓаните и како и секогаш ДУИ и ’Европскиот фронт’ ќе бидат најголемите победници на локалните избори“додаде Адеми.
За евроинтеграциите на земјава и дали очекува власта да ги почне контактите со новата бугарска влада и дали тука може да се вклучат ЕУ и САД за да го поттикнат овој процес, Адеми нагласи дека обврските на државата се јасно дефинирани во преговарачката рамка и требало да се концентрираме на нивно исполнување.
„Не денеска, не утре, туку требаше вчера, завчера да се концентрираме, да ги исполнуваме сите наши обврски за да обезбедиме европска перспектива за сите граѓани. Тоа е единствената алтернатива за нашата заедничка татковина“рече Адеми.
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, вчера во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 рече дека партијата научила од грешките и тоа го покажува на дело.
„СДСМ научи од своите грешки, тоа треба да го покажуваме на дело. Да не биде само празна флоскула. Дистанцирањето од ДУИ се однесува на повеќе аспекти, а тоа е дека имавме во минатото една непринципиелна коалиција, а секој однос на коалицирање треба да има двостран однос. Така што, дефинитивно, сите изјави коишто можете да ги видете и сите постапки коишто ги прави СДСМ и гласот на членството од нас тоа го бара“рече Димитријевиќ.