Теофил Панчиќ (1965 – 2025): Пишуваше како да го гонат сите ѓаволи

Роден во Скопје во 1965 година, образовaнието го заврши во Загреб, а потоа живееше во Белград и Нови Сад (со поглед на мостот Жежељ). Започна да пишува за Време во првата половина на 1990-тите, стана литературен критичар и колумнист на овој неделник, помина околу шест месеци како главен уредник, а последните неколку години ја уредуваше рубриката за култура. За сето тоа време пропушти само неколку колумни. Пишуваше секогаш и секаде, во редакцијата, дома, вo кафуле, во хотелски лоби, во интернет кафулиња (додека интернетот не стана секојдневие), потоа по автобуси, меѓуградски и градски, на клупи, столици, во кревет… И така до крајот. Буквално. Објави дваесет и една книга, илјадници написи во весници, повеќе од илјада книжевни, театарски и филмски критики, неколку десетици текстови од неодреден жанр (Време на уживање), дваесет прекрасни раскази и уште неколку прекрасни песни. Пишуваше како да го гонат сите ѓаволи.

Во Србија, ниту во регионот, всушност, нема важни весници (сметајќи ја и Словенија), за кои Теофил не пишуваше: Данас, Наша борба, Република, Дневник (додека беа весници, а не пропагандни гласила), Глобус, Јутарњи лист , Побједа, Монитор. Пишуваше за Пешчаник и Третата програма на Радио Белград, како и десетици мали весници и портали. Луѓето се восхитуваа на тоа јазично шаренило а тој ќе одвратеше дека, всушност, многу чита. Понекогаш мислев дека пишувањето всушност му го одвлекува вниманието од неговата главна активност: читањето. Читаше, всушност, сè, па дури и таблоидите се додека тоа имаше некаква смисла.

Книгите беа уште еден тек. Кога одеше на (секогаш) кратки одмори, носеше од 15 до 30 книги, само затоа што педесет би биле претешки. Читаше брзо, читаше гладно, читаше многу. Успеваше да прочита илјада и петстотини страници за неколку дена и неколку непроспиени ноќи, а потоа да напише текст чија луцидност, проникливост и убавина не оставаа запрепастени.

Неговите колумни секогаш беа поместени од главните текови на толкувањето, бидејќи тој го гледаше она што ние не можевме да го препознаеме. Токму затоа толку нестрпливо ги чекавме неговите колумни и неговите книжевни критики: колку и да бевме искусни, колку и да бевме блиски со него, учевме од неговите текстови. И тоа со сеприсутниот хумор кој се движеше од тенка иронија до сочни раблеовски достигнувања, од хумор што само ги раздвојува нашите усни до громогласна смеа, од нежност до самоиронија, од само допир на рамото на никаквецот, до негово ставање каде што му е местото без никогаш, апсолутно никогаш, преминување на цивилизациската граница која го дели соодветното од несоодветното, дозволеното од недозволивото

Велеше дека толку многу го сака театарот што може секоја вечер да гледа различна претстава, а дел од неговите критики несомнено се вклучени во антологијата на српската театарска критика. Малку се големите театарски и филмски актери кои не ги познаваше, се дружеше со театарски режисери и критичари, го сакаше тој свет во неговата површност и безгрижност од една страна и сериозноста од друга. Со страст читаше драми, а една од неговите навики беше да го чита текстот пред да оди на претстава. Повеќе од еднаш (во паника) ги превртуваше телефоните за да го добие текстот, а најмалку двапати чита драмата дури и додека чекаше да започне претставата.

И ја сакаше Оља.

***

Толкувања

 

Ова беа фактите.

За пријателите од јавноста, Теофил беше громобран во најодвратните години во историјата на оваа земја, а таков остана и претходните 13. Кога пукаа во неговите пријатели, го погодуваа него. (Голем човек беше Теофило.) За интимните пријатели беше радост. Колец во окото за никаквеци.

Сакаше автобуси. Малку чудна страст, но не ја криеше. Како дете на памет го знаел распоредот на автобуси на северниот дел на Југославија, а на пат меѓу Загреб и Белград (и назад) ги „забавувал“ родителите велејќи, штом видел автобус кој доаѓа од спротивната правец: „Ниш експрес, поаѓање од Ниш во 08:00 часот, од Белград за Загреб во 11:40 часот. Знаеше и географија. Еднаш, јавно, во Војводина рече дека нема место или село во Војводина што не го знае. „Ајде, те молам“, стигна одговорот од публиката. „Па, ајде да пробаме“, предложи Теофил. Бидејќи сомничавиот не издржа повеќе од неколку минути, Теофил му предложил да се натпреварува со сите во публиката.

Кој мислите дека победи?

Како на тврд англофил, Французите, во најголем дел, му служеа за зафрканција. На пример, „Пруст е важен писател, штета што не пишуваше на некој светски јазик“. Кога првпат се појавил во Париз, на својот женски Виргилиј накратко му рекол „само без култура“, а потоа останал без здив пред „најубавиот урбан конгломерат на светот“ и ургентно го променил мислењето за Французите.

Понекогаш умееше да им се заканува на саканите дека ќе ги застрела со опосум.

Со што?

Опосум.

Зошто опусом?

А зошто да не, би одговорил.

* * *

Остана зад Теофил бездната што се отвора кога ќе се придвижат тектонските плочи. И таа бездна не вреди да се затрупува, не само затоа што е невозможно да се закопа, туку затоа што мора да остане таму, таква каква што е: страшна и величествена.

Иван Миленковиќ

Извор: Vreme

Превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close