Стигна за наплата данокот за децениската партизација
На Македонија ќе ѝ пресуди децениската партизација на системот, а не надворешните и внатрешни непријатели кои секој што ќе дојде на власт ги покажува со прст.
Тоа е отприлика приказната за нашата држава кажана во една реченици. Двете водечки партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во неделата (2.02) си разменија по десетина соопштенија за тоа кој е виновен што возач кој системот „систематски“ го пропуштал за сторени кривични дела, на крајот предизвика незамислива трагедија. Но, време е да им се каже дека и двете се виновни. Повеќе од три децении се менуваат на власт, а државата напредува со брзина на полжав.
По 2001 година дојде новата мода: партизација на сите функции, работни места, услужни дејности и сѐ останати што носи партиски профит, во пари и во гласови.
Денес, за што зборувате господа? За тоа кој ја поставил судијката да суди така како што пресудила за младиот човек со неспорно криминално поведение? Вие ја поставивте. Седите во партиските штабови и со списоци во раце пречкртувате имиња на подобни и неподобни кандидати за судии, директори, декани и ректори, директори на болници, вратари, чиновници.
Вие буквално одлучувате кој ќе живее, а кој ќе умира. И одговорноста за таа невидена партизација е кај вас сите – без исклучок – кои бевте на политички функции од 2001 година наваму.
Лекари се тепаат во болници
Пред неколку дена протече информација во јавноста дека доктор(к)и се кошкале во соба за интервенции, каде лежел мал пациент со опструирани дишни патишта. Следејќи ги препукувањата на социјалните мрежи, кои, патем, не им доликуваат на лекари, се стекна впечаток дека и тука зајакот лежи во партиските поделби. Која партија кого поставила за директор и кој извисил или паднал во немилост на директорот. Овој случај ми го врати сеќавањето и на еден случај на Клиниката за кардиологија, кога лекарот близок до ВМРО-ДПМНЕ викна новинари среде лекарска интервенција бидејќи директорот од СДСМ барал тој да излезе од салата за интервенции. И тоа се случуваше пред очите на пациентот кој дошол да бара спас. Којзнае уште колку такви драми се одиграле зад затворени врати и на штета на пациентите.
Ако тоа не се симптоми на држава во хаос, тогаш што е?
Разбирлив е, оттука, револтот што потече низ скопските улици по трагичното загинување на младата неготичанка Фросина. Но револтот како што почна може и да запре, а случајот повторно да влезе во редовниот репертоар на врски, колегијалност и судско одолговлекување. Да се потсетиме и дека иста ерупција на гнев се случи и по ладнокрвното убиство на младата тинејџерка Вања и велешанецот Панче. Една година и два месеца по грозоморниот чин гледаме дека судењето се развлекува, а обвинителите мака мачат да докажат дека личностите кои се изведени пред суд го сториле делото. На едно скорешно рочиште обвинителката се чудеше како може главниот обвинет да ги поседува записниците од сведочењето на другите обвинети. Очигледно може во држава како Северна Македонија. Како што можеше возачот што ја усмрти младата Фросина во притвор експресно да добие мобилен телефон, така и Палевски без проблем дошол до записниците.
Освен партизацијата, на државата ѝ пресуди и отсуството на морал и етика кај носителите на највисоките функции, што логично се пренесе и на нивните следбеници. На дело се случува невидена солидарност меѓу професионалците што го прави тешко откривањето на слабостите на системот и санкционирањето на оние кои со нестручно и несовесно работење предизвикуваат последици по луѓето. Така е и во здравствените установи, така е во судството, а така е и во политиката. Трите клучни области за функционирање на државата и на системот се длабоко контаминирани со партиски, бизнис и лични или роднински релации.
Имаме судија за кој САД објавија дека примил мито за да заклучи во фиока предмет за масовно кршење на основните човекови права и слободи, со што му овозможил на осомничениот да се извлече од одговорност. Тој судија сѐ уште се наоѓа на работното место, а од неговите претпоставени слушаме дека сѐ уште се води истрага. Небаре истражуваат меѓународен криминален конзорциум. Нешто слично како што се заташкувале или развлекувале процедурите за возачот кој ја усмрти младата Фросина.
Не постои ниту еснафска осуда, а и ако се појави таа е во блага и завиткана форма без поголем ефект врз тој што го срами еснафот. „Потребни се осум гласа за разрешување судија, а во овој случај немаше”, рече поранешниот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев по обелоденувањето на криењето на предметот за прислушувањето од страна на судијата Беџети. Замислете немало кворум да се отстрани судија кој помогнал на моќник да помине неказнето за тешко кривично дело. Но затоа се собра кворум за судијата да добие смешна парична казна потполно несразмерна за поткопувањето на вербата во државата и во правниот систем.
И така, додека сите се со врски во ДУИ, во СДСМ, во ВЛЕН и во ВМРО-ДПМНЕ, државата ја загуби својата врска со граѓаните. Или поточно – посредништвото го презедоа партиски пулени за добар финансиски надомест. Впрочем, да не одиме подалеку, да се сетиме сите како со брзина на светлината се политизираше и загинувањето на младата Фросина. Доволно за да се погледнеме во огледало и да се запрашаме кои сме и каде сме. (dw)