Албанезе: Планот на Трамп за Газа е незаконски, неморален и целосно апсурден
Планот на американскиот претседател Доналд Трамп за окупација на Појасот Газа и раселување на неговото население е „незаконски и целосно апсурден“, изјави денеска специјалната известителката на ОН за палестинските територии Франческа Албанезе.
-Тоа што тој (Трамп) го предлага е целосно апсурдно, рече известителката за време на посетата на Копенхаген.
Трамп вчера рече дека сака да ја преземе контролата врз разурнатиот од војна Појас Газа и повтори дека неговите жители можат да одат да живеат во Јордан или Египет, и покрај противењето на тие земји и самите Палестинци.
-Тоа е незаконско, неморално и неодговорно. Целосно е неодговорно бидејќи ќе ја влоши регионалната криза, рече Албанезе, која ги повтори обвинувањата за израелски геноцид во Газа.
„Предлогот на Трамп е поттикнување на принудно раселување, што е меѓународно злосторство“, рече таа.
-Во контекст на геноцид, тоа ќе го зголеми соучесништвото во злосторствата извршени од Израел во последните 15 месеци и претходно, рече известителката на ОН за палестинските територии.
Според неа, предлогот на Трамп може да предизвика „паника низ светот, бидејќи последиците се огромни“.
Високиот комесар за човекови права на ОН, Волкер Турк, денеска во Женева изјави дека какво било присилно префрлање или протерување на населението од окупираната територија е строго забрането.
-Секое присилно преместување или протерување на лица од окупираната територија е строго забрането, рече Турк и потсети дека „правото на самоопределување е основен принцип на меѓународното право и тоа право мора да биде заштитено од сите држави“