Гутереш повика да се избегне каква било форма на етничко чистење на Палестинците
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш денеска ја истакна важноста од воздржување од „секаква форма на етничко чистење“ на Палестинците во услови на прекин на огнот во Појасот Газа, јави Анадолија.
Говорејќи на состанокот организиран од Комитетот на ОН за остварување на неотуѓивите права на палестинскиот народ, Гутереш рече дека тоа се однесува на правото на Палестинците „едноставно да живеат како луѓе во својата земја“.
„Видовме како остварувањето на овие права е сè понеостварливо. Видовме ужасна, систематска дехуманизација и демонизација на цел народ“, рече тој.
Гутереш додаде дека во израелските напади биле убиени речиси 50.000 луѓе, од кои 70 отсто биле жени и деца.
„Поголемиот дел од цивилната инфраструктура во Газа, болниците, училиштата и објектите за вода се уништени. Огромното мнозинство од целото население се соочи со раселување, глад и болести“, рече тој.
Гутереш го поздрави договорот за прекин на огнот и за заложниците, истакнувајќи ја потребата за траен прекин на огнот и ослободување на сите заложници без одлагање.
„Во нашата потрага по решенија, не смееме да го влошиме проблемот. Од витално значење е да се остане верен на основите на меѓународното право. Од суштинско значење е да се избегне каква било форма на етничко чистење“, рече тој.
Гутереш ја истакна потребата и за решение на кризата со две држави.
Шефот на ОН, исто така, изрази „голема загриженост“ поради неодамнешната ескалација на насилството од илегалните израелски доселеници на окупираниот Западен Брег и Источен Ерусалим.
„Насилството мора да престане. Како што потврди Меѓународниот суд на правдата, израелската окупација на палестинска територија мора да престане. Меѓународното право мора да се почитува и да се обезбеди одговорност“, порача тој.
Повикувајќи на работа за зачувување на единството и интегритетот на окупираната палестинска територија и обновата на Газа, Гутереш рече дека силна и обединета палестинска власт е од витално значење за ова.
„Меѓународната заедница мора да ја поддржи палестинската управа во оваа цел“, заклучи тој.