Шекеринска – Валтонен: НАТО и ОБСЕ играат клучна улога во изнаоѓањето дипломатско решение за војната во Украина 

Соработката меѓу НАТО и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и справувањето со заедничките предизвици, беа главни теми на средбата на заменичката генерална секретарка на Алијансата, Радмила Шекеринска со финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен, чија земја е и актуелен претседавач на ОБСЕ.

Како што соопшти НАТО, на средбата Шекеринска ја поздравила одлуката на Валтонен Киев да биде нејзина прва дестинација за посета по преземањето на должноста претседавач со ОБСЕ на 1 јануари годинава, како и посветеноста на Финска состојбата во Украина да остана главен приоритет на Организацијата за време на нејзиното претседавање.

– Двете организации играат клучна улога во изнаоѓањето дипломатско решение за војната во Украина, додаде Шекеринска.

Во соопштението се посочува дека НАТО и ОБСЕ тесно соработуваат во низа области, вклучително и во спречувањето и решавањето конфликти, контролата на оружјето, борбата против тероризмот, промовирањето на агендата за еднаквост на жените и за мир и безбедност, како и во справувањето со актуелните безбедносни предизвици.

Средбата Шекеринска – Валтонен се одржа пред заседанието на Северноатлантскиот совет, на кое шефицата на финската дипломатија пред постојаните претставници на земјите членки во седиштето на НАТО ги презентираше приоритетите на претседавањето на Финска со ОБСЕ.

Back to top button
Close