Велика Британија ја поништи акредитацијата на руски дипломат
Британската влада денеска ја поништи акредитацијата на еден руски дипломат, откако минатата година Москва протера британски функционер поради обвинение за шпионажа.
Официјални претставници во Лондон за ова го информирале рускиот амбасадор во Велика Британија, Андреј Келин.
„Ова е одговор на неиспровоцираната и неоснована одлука на Русија да ја одземе акредитацијата на британски дипломат во Москва во ноември. Велика Британија нема да толерира заплашување на персоналот на овој начин и затоа преземаме реципрочни мерки“, соопшти британското Министерство за надворешни работи.
Владата соопшти дека секоја понатамошна акција преземена од Русија ќе се смета за ескалација и дека на тоа Велика Британија ќе одговори.
Руските власти минатата година му наредија на британски дипломат да ја напушти земјата поради обвинение за шпионирање.
Руската Федерална служба за безбедност соопшти дека тој работи за британското разузнавање под дипломатска заштита, заменувајќи еден од шесте британски дипломати протерани од Русија во август.
Русија и земјите од НАТО спроведоа повеќе рунди на меѓусебно протерување.
Дипломатските односи паднаа на најниско ниво од Студената војна, откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година.