Украински власти: Во областа Курск заробени повеќе од 900 руски војници


Украинската војска денеска соопшти дека заробила 909 руски војници од почетокот на операцијата во руската погранична област Курск, пред точно шест месеци.

Офанзивата, која почна на 6 август 2024 година, им овозможи на украинските сили да преземат контрола на неколку стотици квадратни километри во Русија.

Една од целите на таа офанзива, според украинските власти, била да се заробат руски војници за да се разменат за заробени украински војници.

„За време на операцијата, украинските сили заробија 909 руски војници, што значително го надополни фондот за размена“, соопшти Генералштабот на украинската армија на Фејсбук, додавајќи дека тоа помогнало да се вратат дома стотици украински бранители кои се наоѓаат во руски затвори.

Размената на заробеници е едно од ретките прашања за кои двете завојувани земји успеваат да соработуваат.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги пофали неговите сили кои се борат во областа Курск и награди неколку единици.

– Окупаторот може и мора да биде поразен на своја територија, рече Зеленски, нагласувајќи го принципот на „мир со сила“ што Киев го усвои по изборот на Доналд Трамп за претседател на САД.

Во областа Курск, украинските сили првично остварија значителни територијални придобивки. Но, оттогаш руските сили повторно зазедоа голем дел од изгубената територија и таму продолжуваат борбите.

Back to top button
Close