Мицкоски ги повика пратениците заеднички да ги носат промените во Судскиот совет

Премиерот Христијан Мицкоски ги повика сите парламентарни партии да учествуваат во процесот на промени во Судскиот совет, зашто, како што рече, тој треба да биде инклузивен и да постои општествен консензус.

„Еве, не сакаме ние да имаме ексклузивно право само ние да ги правиме тие измени, ги повикувам сите пратеници во парламентот ако се согласуваат дека треба да се распушти овој Судски совет којшто тие го гласале, кога ќе дојде точката на дневен ред да гласаат во насока на тоа да бидат разрешени овие членови на Советот“изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

Во ист таков инклузен процес потоа треба да се најдат луѓе што ќе бидат поставени во ова тело и кои, како што рече премиерот, ќе ги мониторираат и ќе ги идентификуваат судиите што ги злоупотребуваат своите функции и коишто, поради контроверзните одлуки што ги носат, се причинители на процеси што не треба да се случуваат.

„Да направиме нова пракса, еден општествен консензус дека ни се потребни промени и заеднички да работиме тие промени да се случат. Но, не може никако причината да стане решение. Сега причината за ваквата состојба во судството, а тоа е владата којашто седум години беше таму каде што беше, и позади чиишто одлуки има многу контроверзии и скандали посебно во судството, да не потсетувам на шверцерски поминатите измени на Кривичниот законик со европско знаменце, сега тие од една страна се претставуваат себеси како решение“,додаде премиерот.

Рече дека очекувал СДСМ да биде порационален во своите изјави во врска со Судскиот совет бидејќи сметал оти еднаш треба да обезбедат национален консензус и заеднички да работат на промените

Back to top button
Close