Шведската влада сака да го ограничи пристапот до полуавтоматско оружје по масакрот во Еребро
Шведската влада денеска објави дека работи на нацрт-закон за ограничување на пристапот до полуавтоматско оружје по пукањето во Еребро, што прерасна во најголемото масовно убиство во историјата на Шведска, пренесоа француските меидуми.
„Постојат видови на оружје што се толку опасни, па затоа треба да може да им се продаваат на цивили само во исклучителни околности“, се наведува во соопштението на владата.
Во пукање во образовен центар за возрасни во Еребро во вторникот животот го загубија десет лица, од кои некои беа од странско потекло.
Инспекторите соопштија дека напаѓачот имал дозвола за поседување четири огнени орудија.
„Ужасниот напад во Еребро враќа на маса неколку централни прашања поврзани со законодавството за оружје“, соопшти владата, додавајќи дека дополнително ќе се разјаснат критериумите што едно лице мора да ги исполни за да може да купи полуавтоматска пушка.
Владата, исто така, ги задолжи полицијата и социјалните служби да ја зголемат меѓусебната соработка кога станува збор за пријавување на лица за кои се верува дека не се подобни за дозволи за огнено оружје.
Законодавството за огнено оружје треба да постигне рамнотежа „помеѓу интересот на општеството за спречување криминал“ и „интересот на поединци и организации да можат да го поседуваат таму каде што е оправдано“, објасни владата.