Кобахидзе: Брисел треба да биде пофлексибилен во преговорите за членство во ЕУ
Грузискиот премиер Иракли Кобахидзе денеска оцени дека Европската унија треба да биде „пофлексибилна“ во преговорите за членство, изјавувајќи дека „дојде редот Брисел да направи чекор за ова прашање“.
Во интервју за Еуроњуз, Кобахидзе рече дека неговата влада се соочува со „некои значајни предизвици со европската бирократија“, но истакна дека тој е „сè уште многу оптимист“ дека земјата ќе добие членство во ЕУ до 2030 година.
-Ќе бидеме доследни во следењето на оваа цел и потоа се надеваме дека пристапот кон Грузија ќе биде поправеден во наредните години, рече тој.
Кобахидзе истакна дека политиката на Тбилиси не е виновна за тоа што во моментов има „нездрави односи“ меѓу Грузија и ЕУ.
-Тоа е поради европската бирократија и политика кон Грузија. Значи, доколку таа политика се промени, се ќе биде во подобра состојба, рече грузискиот премиер.
Тој истакна дека нема простор за обновување на дипломатските односи со Русија „поради окупацијата на нашите два историски региони“.
-Нашиот територијален интегритет е признаен од меѓународната заедница и секако дека мораме да ги браниме нашите национални интереси во овој поглед, но нашата визија е мирољубива, рече тој.
Кобахидзе ја отфрли можноста за „насилно решение“ и додаде дека Грузија сака да го врати својот територијален интегритет.
-Се надеваме дека во одреден момент тоа ќе биде реално. Но ние водиме прагматична политика и тоа е клучната содржина на нашата политика кон Русија. Ние ги одржуваме трговските и економските односи со Русија и тоа ќе продолжи, посочи тој.
На прашањето за руско-украинските конфликти и изгледите за мировен договор, Кобахидзе рече дека „нема алтернатива за прекин на огнот“.