Видео:Адвокатот на Васил Јованов повикува наместо линч, да се остават институциите да си ја работат работата, родителите на возачот изразија сочувство до семејството на Фросина
Родителите на обвинетиот Васил Јованов, кој ја прегази Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“, денеска изразија сочувство до семејството на Фросина. На прес-конференцијата, заедно со адвокатот Сашко Дуковски, зборуваа за околностите на настанот, нивното длабоко жалење и демантираа повеќе наводи изнесени во јавноста. Јованови истакнаа дека не му дале дозвола на Јованов да го управува автомобилот без возачка дозвола и дека тој го украл возилото од нив. Вечерта на несреќата, по подолго време се напил алкохол при отворање на кафуле на негов пријател. Негираа каква и да било поврзаност со судијката Даниела Алексовска Стојановска.
– Ние сме фамилија која исклучиво приходите им се од плата. Не сме богата фамилија, уште помалку влијателна и немам никаде и кај никого интервенирано за било какво намалување за казните на син ми. Немаме други станови во Скопје. Судијката на случајот воопшто не ја познавав претходно, ја видов во судницата. Ниту сум можел, ниту сум барал, ниту сум го барал да го извадат од притвор. Од аспект на родител не направив ама баш ништо за Васил да поминува низ системот како што беше кажано, неказнет. Тоа најодговорно го тврдам, пред Бога и пред вас. Најдлабоко сочувство до семејството на родителите, рече таткото на Васил.
Посочи дека уште од првиот момент кога разбрал за настанот, чувствувал потреба да изрази сочувство, но дека имало напади кон неговиот син и проценил дека во тој момент може само да ја влоши ситуацијата доколку изрази сочувство.
– Размислував да го направам тоа на самото лице место кога сфатив дека тоа се нејзините родители, но имаше ситуација од нивни блиски, се упатуваа закани кон возачот. Направив проценка дека ако во тој момент пристапам кон родителите најверојатно само ќе ја влошам состојбата, така барем размислував. Тогаш помислив дека е најдобро за неколку дена но работите отидоа предалеку и немаше простор за лично сочувство, затоа мораме вака јавно да изразиме сочувство, рече таткото на Васил.
Мајката на Васил, Ана Јованова, изрази, како што рече, најдлабоко мајчинско сочувство.
– Само мајката може да разбере. Загубата е ненадоместлива. Бреме од оваа ситуација ќе остане да тежи до крајот на нашите животи, на целото наше семејство. Тој што има дете може да претпостави колку е страшно, колку е болно и каков товар е ова. Секој ден се молиме на Бога да му даде на семејството сила да го издржи ова. Им стоиме на располагање на каков било начин да се најдеме во пребродување, рече таа.
Во однос на наводите дека судијката која што ја донесе претходната пресуда за дрога за Васил е сопруга на нејзин колега, таа посочи дека не ја познавала.
Таткото на Васил посочи дека по првата пресуда, неговиот син се променил.
– Васил после пресудата, иако имаше повеќе обиди да се откаже од пушење трева, навистина се повлече, престана со тоа, се фокусираше на спорт, си ги смени погледите, си најде психолог, имаше духовен водач во Јован Бигорски, одевме таму, рече тој.
Во однос на наводите дека тој се повикувал на познаници и врски, рече дека не преземале ништо такво.
– Ниту сум помислувал во таа насока, ниту сум имал моќ. Не сум јас човек надвор од системот, 24 години го поздравувам македонското знаме секое сабајле, апсолутно сум човек што верува во казнивост и одговорност, рече тој.
Родителите на Васил посочија дека биле разочарани од првичната одлука за претходната сообраќајка на Васил, каде што биле парично казнети, бидејќи, како што кажаа, очекувале нешто повеќе.
– За паричната казна за сообраќајка посакуваме да има друга последица, бевме разочарани од паричната казна. Мислевме дека ќе има некаква забрана за полагање, затоа што имаше извозени часови, полагаше теоретски, падна на полигон, мислевме дека ќе добие забрана, посочија тие.
Според нивната изјава, колата била купена во 2016 година, кога Васил имал 12 години.
– Колата е купена во 2016, најголемата потреба беше сопругата да патува секој ден на работа. До 18 години јас не дозволив на Васил ниту со мене, ниту со чичко му да вежба, верувајќи дека најдобро се учи со инструктор, тој и не бараше, посочи тој.
Бранителот на Васил, адвокат Сашко Дуковски, кој, исто така, изрази сочувство до семејството на Фросина, денеска демантираше повеќе наводи што се шпекулираа во јавноста, како што се брзината на возење во моментот на несреќата и наводните врски на родителите. Тој потенцираше дека поттикот за денешната прес-конференција доаѓа од изнесените невистини и повикот на линч и дека прес-конференцијата не е обид за намалување на фактите.
– Кога бев ангажиран бев длабокото убеден дека треба да молчам и да се фокусираме во давање на одбрана согласно фактите и да се задржам исклучиво на професионална одбрана. Она што ме поттикна и не можев да поминам преку тоа е изразувањето на многу ноторни невистини, повик на линч, повик на крв и наместо воспоставување на право со владеење на законите во една демократска и правна држава, во една судска постапка и обвинителска, воспоставување или обид за воспоставување на начелото „око за око, заб за заб“, рече тој.
Издвои пет главни невистини кои, како што рече, подгреваат гнев и омраза кон осомничениот. Нагласи дека Васил не се дал во бегство по несреќата, туку веднаш се обидел да ѝ помогне на Фросина.
– Беше наведено дека осомничениот после несреќата се дал во бегство, ноторна невистина. Не станува збор за бегство, веднаш после настанот осомничениот доаѓа до телото, се обидува да ѝ помогне и изразува веќе во првиот момент искрено каење, рече Дуковски, а на крајот на прес-конференцијата беше презентирано видеото на кое се гледа како Јованов е на местото на несреќата и вели „Што направив“’.
Во однос на информациите дека возел со голема брзина, Дуковски рече дека во текот на вчерашниот ден е дадена наредба за сообраќајно-техничко вештачење и дека се работи за возило „пежо 207“ од 2011 година кое не може да развие толку голема брзина на кратка релација.
– Се шпекулира со брзините, па се доаѓа и до 180 км на час. Во текот на вчерашниот ден беше дадена наредба за вршење на сообраќајно-техничко вештачење. Од вчера почна да се врши вештачење на возилото. Се работи за Пежо 207 од 2011 година, за 80 метри од вклучување од споредна улица, многу посериозни возила не можат да ја достигнат таа брзина, да оставиме правосудните органи да ја утврдат таа брзина, рече Дуковски.
Демантираше и дека некој се обидел да го прогласи Васил за непресметлив и објасни дека нема корупција во претходната сообраќајна несреќа на Васил. Нагласи дека Васил не се противел на притворот и дека судијата не бил сменет. Ги демантираше и наводите дека јавниот обвинител пристигнал на местото на настанот после три часа.
– Беше нападнат јавниот обвинител дека се чекало цели три часа да излезе на лице место, со тоа сакаа да се индицира дека трагите се прикриени и дека ништо нема да излезе од предметот. Ноторна невистина. Овој јавен обвинител што постапува е пример за обвинител. Дошол на местото на настанот за 20 минути и веднаш се направени сите анализи, рече Дуковски.
Дополни дека нема никаква формална постапка против родителите на Васил за овозможување општо опасно средство, туку, како што рече, се работи за предистрага и давање наредби за тоа кога и како било купено возилото.
Во однос на мобилниот телефон што беше пронајден кај Васил во затворот, Дуковски посочи дека нема сознанија, но ги демантира шпекулациите дека близок член на семејството дал пари за него.
– Третата невистина што сметам дека е најбрутална, е тоа дека некој ќе се обидел со помош на психијатар да го прогласи осомничениот за непресметлив. Како бранител тврдам дека во ниту еден случај нема да се обидам да ја намалам неговата пресметливост. Васил Јованов е пресметлив, здрав. Сето тоа е насочено кон кумулирање на постојан грев кон некое лице, сѐ со цел да завладее уличната, а не правдата во судницата, посочи Дуковски.
Во однос на фактот што се наведува за претходна сообраќајна несреќа, дека таму имало корупција и поради тоа не бил процесуиран случајот, тој посочи дека тоа е нормална постапка во која од другата страна се бара согласност да не се презема кривичен прогон, и ако се добие му се наредува на осомничениот да уплати одредена сум во буџет или во хуманитарни цели, да не се поведува таква постапка. – Ниту е привилегиран, ниту ќе биде привилегиран, рече адвокатот.
Ги повика институциите да ја работат работата без притисок од јавноста.
– Фросина нема придонес во настанувањето на сообраќајната несреќа, но не може да има вакви повици за линч и барање на крв. Уште еднаш сакам да ги повикам правосудните институции, јавното обвинителство, да продолжи со професионалната работа и сето ова да се канализира во една правна постапка, согласно Законот за кривична постапка, фактите да утврдат за вината, а не волјата на поединци, групи, кои за жал, имаа и политички предзнак во овие неколку денови, нагласи Дуковски.
Ја коментираше и изјавата на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој изјави дека Јованов ќе остане во притвор до завршување на кривичната постапка.
– Се поставува прашањето дали има посебни способности да го знае тој факт, затоа што за тоа одлучува судот или станува збор за некој договор кој што јас не го знам, рече Дуковски.
Во однос на Комисијата што ја формираше Судски совет за претходната пресуда на Васил Јованов, посочи дека е во ред, но, го повика Судскиот совет исто така да испитува и другите пресуди, како што е случајот со Зоран Кичеец кој усмрти човек на Стража во сообраќајна незгода.
Фросина Кулакова од Неготино на 29 јануари годинава беше прегазена додека поминувала пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во близина на Универзалната сала во Скопје. Дваесет и двегодишната девојка беше прегазена од дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој, според обвинителството, возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло. На Јованов му е одреден притвор од 30 дена.