Како ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ влијае врз нашиот ИМУНИТЕТ?
Знаеме дека во зимскиот период сме особено подложни на настинки и разни инфекции. Недостатокот од сонце го намалува нивото на витамин Д, воздухот е загаден, поминуваме повеќе време во затворени простории и генерално имаме ослабнат имунитет. Но, во ваквите периоди е особено важно нашиот имунитет да се обидеме да го зачуваме силен. Една од главните мерки што може да ги превземеме е да се обидеме што повеќе да се заштитиме од загадениот воздух. Имено, загадувањето е фактор кој значително допринесува нашиот имунитет да е ослабнат и ризикот од инфекции да е зголемен. Поради тоа, оваа статија ја посветуваме на загадениот воздух, односно на неговите ефекти врз имуниот систем.
Зошто е загадувањето на воздухот еден од најсериозните проблеми на денешницата?
Загадувањето на воздухот се смета за еден од водечките ризици по човековото здравје, во светски рамки, но и во нашата држава. Некои проценки велат дека дури 9% од смртните случаи може да се поврзат со ефектите кои ги има загадувањето. Ваквиот проблем нам ни е добро познат, бидејќи дел од градовите во нашата држава неретко се наоѓаат во првите 5 најзагадени градови во светот. Ова е нешто што е исклучително алармантно и загрижувачки.
Имено, загадениот воздух е комбинација од цврсти честички и испарливи гасови во воздухот. Издувот на автомобилите, оџаците на фабриките, домаќинствата и голем број други извори допринесуваат кон ваквото загадување. Голем дел од овие „загадувачи“ се токсични и нивното вдишување може да предизвика голем број здравствени проблеми. Особено се ранливи луѓето со хронични заболувања, постарите лица и децата. Ваквото загадување не е присутно само надвор, туку со текот на времето навлегува и во нашите домови, каде константно не изложува на овие ризици. Во поглед на градските средини, често се користи и терминот смог – кој претставува комбинацијата од англиските зборови smoke+fog. Смогот претставува комбинација од влажен воздух (магла), чад и гасови испуштени од страна на автомобили, фабрики, домаќинства и сл. Ваквата комбинација формира прилично густ „облак“ од штетни честички кој потешко се елиминира од воздухот.
Во поглед на штетноста, можеби најопасни се најситните честички, т.н PM 2.5. Тие имаат димензии помали од 2,5 микрони и со леснотија навлегуваат во нашиот организам и се депонираат. Загадувањето на воздухот е често и „тивок убиец“ бидејќи не предизвикува никакви моментални здравствени проблеми, освен можеби блага кашлица. Здравствените проблеми како резултат на изложеноста на загаден воздух се јавуваат постепено и бавно. Затоа, важно е константно, а особено во зима да се заштитуваме од оваа опасност и да внимаваме на нашето здравје.
Како загадениот воздух влијае на имунитетот?
Во текот на зимата, смогот и загадениот воздух значително го ослабнуваат имуниот систем, главно преку зголемување на оксидативниот стрес, хронично воспаление и нарушување на функцијата на имуните клетки. Студеното време често доведува до температурни инверзии, каде што полесно се „заробуваат“ загадувачите блиску до земјата. Тука ги вбројуваме ситните честички (PM2,5), азот диоксидот (NO2) и сулфурниот диоксид (SO2). Овие загадувачи создаваат молекули во телото кои делуваат про-инфламаторно и оксидативно, односно го влошуваат воспалението и оксидативниот стрес. Ова влијае и на имуните клетки како што се макрофагите, неутрофилите и Т-клетките, намалувајќи ја нивната способност да детектираат и елиминираат патогени.
Дополнително, продолжената изложеност на загаден воздух предизвикува системско воспаление со активирање на проинфламаторни цитокини, кои можат прекумерно да го стимулираат имуниот систем и парадоксално да го направат помалку ефикасен со текот на времето. Загадувачите во воздухот, исто така, го нарушуваат респираторното здравје и одбранбените механизми на респираторниот тракт, што им го олеснува навлегувањето на вирусите и бактериите и го зголемува ризикот за инфекции и компликации. Комбинацијата на студено време, престојување во затворен простор и зголемено ниво на загадување ја прави зимата особено тежок период за имунитетот, зголемувајќи го ризикот од акутни и хронични болести и нагласувајќи ја потребата од превземање и превентивни мерки за негово зајакнување. (Д-р Митов)