Обама: Затворањето на УСАИД ќе биде ужасна надворешнополитичка грешка
Поранешниот американски претседател Барак Обама на социјалните мрежи се огласи по најавите на Доналд Трамп за затворање на Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД.
Тој истакна дека УСАИД се бореше со болести, прехрануваше деца и промовираше добра волја низ светот изминатите шест децении.
„Уништувањето на оваа агенција би било длабока надворешнополитичка грешка – на која Конгресот треба да се спротивстави“ напиша Обама споделувајќи колумна од Самата Пауер, која ја водеше агенцијата за време на мандатот на претседателто Џо Бајден.
Таа во текстот вели дека со затворањето на УСАИД се загрозуваат милиони животи, илјадници американски работни места и милијарди долари инвестиции во американски мали бизниси и фарми додека сериозно се поткопуваат и американската национална безбедност и глобалното влијание.
Според Пауер, корист од затворањето на УСАИД ќе имаат само авторитарните и екстремните лидери ширум светот.
„По четири години водење на агенцијата, не ме чуди нападите на УСАИД што се бодрат од Москва и Пекинг. Тие разбираат дека оние кои сакаат да ја уништат агенцијата очајно сакаат да сокријат од американскиот народ дека УСАИД стана суперсила на Америка во свет дефиниран со закани што ги преминуваат границите и во услови на растечка стратешка конкуренција“ пишува Пауер.
Таа додава дека буџетот на УСАИД е помалку од еден отсто од годишниот буџет на САД.
Пауер истакнува дека како и секоја владина агенција, УСАИД може да биде поефикасна и дека во нејзиниот мандат таа се обидела да го направи тоа.
„Многу од најзначајните инвестиции на агенцијата – како помагањето на заедниците да се обноват по поразот на ИСИС или подобрувањето на способноста на сиромашните земји да ги потиснат епидемиите на смртоносните заразни болести – се неизмерно важни за националната безбедност. А сепак УСАИД повеќе не го следи птичјиот грип во 49 земји како што беше пред три недели; престана да работи со ризичните млади во Централна Америка за да спречи насилство од бандите што ја поттикнува миграцијата; не работи на искоренување на полио; не соработува со заедниците во земји како Сирија, Мароко и Казахстан за да се намали ранливоста од радикализација. Трошоците за демонтирање на овие програми – а со тоа и извршување на овие штети – ќе ги почутвстуваат генерациите што доаѓаат“ пишува Пауер.