Гил: ЕУ верува во слободната трговија и е подготвена за конструктивен дијалог со САД 

Европската Унија останува посветена на конструктивен дијалог со САД и сите наши други трговски партнери и секогаш ќе бидеме подготвени да дискутираме за да најдеме фер и реципрочни решенија со кои ќе се почитуваат нашите партнерства и принципите на слободна трговија, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за економска безбедност, трговија, финансиски услуги и царини Олаф Гил во врска со најавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе царини од 25 отсто за увозот на челик и алуминиум во САД.

– Сега е време за соработка, а не за конфронтација… Ние сме против неоправдани бариери за слободната и фер трговија и остануваме целосно посветени на еднаквите услови за игра. Секогаш ќе ги преземеме неопходните чекори за да ги заштитиме нашите економски интереси, како и европските бизниси, работници и потрошувачи од неоправдани царински мерки. Поддржуваме заемно корисни трговски односи, засновани на транспарентност, правичност и споделување на економскиот раст, додаде Гил.

Тој нагласи дека ЕУ и САД се долгогодишни сојузници и имаат изградено силно економско партнерство, засновано на заедничка доверба и царинските прашања.

Според него, ЕУ е една од најотворените економии во светот, со многу ниски просечни царини на увезените стоки, при што на 70 отсто од производите што се увезуваат во Унијата се со „нула царини“.

Во однос на изјавата на Трамп дека САД имаат „350 милијарди долари“ дефицит во трговијата со ЕУ, Гил посочи дека поред статистичките податоци на блокот во 2023 година, САД извезле стоки во ЕУ во вредност од 346,5 милијарди евра, додека увезле за 502,3 милијарди евра, а во исто време извезле услуги вредни 396,4 милијарди евра, а увезле услуги за 292,4 милијарди евра.

– Во оваа смисла, како што можете да видите, нашите економии доста добро се надополнуваат, рече Гил.

Тој додаде и дека се уште не се воведени никакви царини, туку само се говори за најави за нивно воведување, па затоа во оваа фаза нема да навлегува во никакви детали за тоа што може или не може да се случи, посочувајќи на официјалната денешна изјава на Европската комисијата за „потенцијалното воведување царини за челикот и алуминиумот од ЕУ од страна на САД“.

ЕК во денешната изјава соопшти дека ЕУ „во оваа фаза не добила никакво официјално известување“ од САД за воведување дополнителни царини.

– Нема да одговориме на распространетите најави без детали или писмено појаснување, се наведува во денешното соопштените на Европската комисија по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе царини од 25 отсто за увозот на челик и алуминиум во САД.

Еврокомисијата наведува дека Европската Унија не гледа оправдување за воведување царини за нејзиниот извоз и дека ќе реагира за да ги заштити интересите на европските бизниси, работници и потрошувачи од „неоправдани мерки“.

– Општо земено: Воведувањето царини би било незаконско и економски контрапродуктивно, особено со оглед на длабоко интегрираните производствени синџири што ЕУ и САД ги воспоставија преку трансатлантската трговија и инвестиции, се додава во реакцијата.

Комисијата натаму во соопштението посочува дека „царините во суштина се даноци“ и дека со нивното воведување, САД би ги оданочувале сопствените граѓани, би ги зголемиле трошоците за бизнисот и би поттикнал инфлацијата.

– Покрај тоа, царините ја зголемуваат економската несигурност и ја нарушуваат ефикасноста и интеграцијата на глобалните пазари, се додава во соопштението на Европската комисија.

Трамп најави дека денеска ќе воведе царина од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум во САД, како и дека „утре или в среда“ ќе објави воведување на реципрочно оцаринување, што ќе стапи во сила „речиси веднаш“, во случај ако некоја земја воведе царини за американските стоки.

Back to top button
Close