ОН загрижени поради условите во кои биле држени израелските заложници и палестинските затвореници
Советот за човекови права при ОН ги нарече „загрижувачки“ фотографиите на исцрпените израелски заложници и палестински затвореници ослободени во рамките на договорот за прекин на огнот во Газа, оценувајќи дека тие сведочат за тешките услови во кои биле држени.
Изморените и бледи лица на ослободените лица привлекоа внимание по нивното ослободување изминатиот викенд, а американскиот претседател Доналд Трамп ги спореди заложниците држени од палестинското движење Хамас со преживеаните од Холокаустот.
– Фотографиите од израелските заложници ослободени викендов покажуваат знаци на малтретирање и сериозна неухранетост, што укажува на многу тешки услови во кои биле задржани во Појасот Газа, изјави портпаролот на Советот за човекови права на ОН.
Советот, исто така, изрази загриженост поради „јавното изложување на ослободените заложници од Хамас“, како и изјавите што, според нив, биле дадени под притисок за време на нивното ослободување. Портпаролот нагласи дека и состојбата на палестинските затвореници ослободени од израелските затвори укажува на „сериозни проблеми“ со условите во кои биле држени.