Тошковски: Имаме едни од најстрогите закони за сообраќајни инциденти, но проблем е судската пракса

„Тешко е да ѝ се објасни на јавноста, меѓутоа експертската фела многу добро разбира дека помеѓу право, правда и правичност има многу голема разлика. Е, сега, ние говориме како да создадеме систем, како да создадеме општество коешто на крајот на денот, освен што ќе биде во рамки на закон, пресудите коишто ќе ги донесе, актите коишто ќе ги спроведе, обвиненијата коишто ќе ги процесира, ќе бидат правични“, вели министерот за внатрешни работи

Во Македонија, при сообраќајна несреќа со смртни последици, имаме предвидена казна затвор од четири до 20 години, во Словенија казната е од една до 12, во Хрватска од три до 15, Германија до десет, а во Србија од пет до 15 години затвор, што значи дека проблемот не е во предвидените казни од аспект на строгост бидејќи тие се едни од најстрогите во Европа, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за дилемите што се отворија во јавноста за евентуално заострување на казнената политика по случајот со загинувањето на 22-годишната Фросина Кулакова.

Тошковски, во гостување во „360 степени“ на МРТ 1, вели дека согласно статистиката со која располага земјава, во 2023 година имало околу 900 вакви кривични дела, од кои само 45 се со затворски казни, додека 834 се со парични. Вели, кај затворските казни, од десет до 15 години нема ниту една, од пет до десет години казна затвор добиле три лица, од три до пет години – шест лица, од една до две години – седум лица, од шест месеци до една година – шест лица, додека затворска казна до шест месеци добиле 21 лице.

Тошковски: Проблемот е во конкретните предмети коишто се спроведени од судовите. И тоа е факт. Е сега, јас немам анализа за кој предмет какви квалификаторни елементи имало – построги или поблаги итн. Но, ова се бројки коишто се по закон.

360°: Но, овие бројки не значат дека судиите суделе вон правото.

Тошковски: Се согласувам. Видете, тешко е да ѝ се објаси на јавноста, меѓутоа експертската фела многу добро разбира дека помеѓу право, правда и правичност, има многу голема разлика. Е, сега, ние говориме како да создадеме систем, како да создадеме општество коешто на крајот на денот, освен што ќе биде во рамки на закон, пресудите коишто ќе ги донесе, актите коишто ќе ги спроведе, обвиненијата коишто ќе ги процесира, ќе бидат правични.

Тој вели дека е потребна јасна дефиниција на тоа што е кривично дело, а што е прекршок, како и вмрежување на институциите бидејќи е недозволиво Јавното обвинителство при процесирање на постапка да каже дека нема информации колку прекршоци биле сторени од одредени лица во делот на сообраќајот, но и МВР да ја нема казнената евиденција што ја имаат судовите.

„Зошто да не се вмрежиме во рамки на еден систем, што е и еден од најголемите проблеми зошто досега легислативно не сме ја решиле и употребата на ’Сејф сити’ како алатка којашто ќе треба да ни овозможи во иднина поткревање на сообраќајната култура“,заклучи Тошковски.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски на 15 јануари потпишаа договор за соработка и размена на податоци во електронска форма меѓу институциите. Со овој договор се предвидува Обвинителството да добие електронски пристап до базите на податоци кои ги води Министерството за внатрешни работи за државјанство, моторни возила, живеалиште и престојувалиште и за поседување оружје.

Back to top button
Close