Дaли законите ќе ги допрат недопирливите

Почитувани читатели, најискрено веќе и самиот се чувствувам непријатно што секоја недела пишувајќи за стечајот на Еуростандард банка. Ни се случуваат тешки и траорни ситуации, полни сме со грижи и несигурности што нѐ чека наредниот ден. Покрај сѐ, ја очекувам и чекам правдата, дека можеби еден ден ќе излезе на виделина. Правдата не само за мене, туку и за многумина како мене кои што на своја кожа го осетиле „камшикот” на обесправеноста од сопствената држава и сакана татковина, мора да триумфира. Јас морам да продолжам дур сум жив. Животот ме научил дека никогаш не треба да престанам да се борам кога сум убеден дека сум во право.

За мене триумфот на правдата е симбол за општествената добробит на граѓаните и целото општество и како човек никогаш не сум се повлекол од поривот за докажување правда

Веќе полни 5 години пишувам со факти за пропустите направени од страна на државните институции во случајот со водењето на Еуростандард банка во стечај. Ги повторувам и нема да престанам.

1. Народна банка е основниот регулатор на финансискиот крвоток во државата. За функционалноста на системот оваа институција има алатки на располагање кои треба да го регулираат банкарскиот сектор. Четири базични алатки кои ѝ стојат на располагање се следниве:

-Редовни мерки

-Вонредни мерки

-Администрација и

-Стечај

Во случајот со Еуростандард банка, вонредните мерки воопшто не беа употребени, а тие вонредни мерки подразбираат одземање на лиценци за работа на членовите во сите органи во работењето на банката, како и сериозни казни за одредени пропусти во работењето на банката. Такво нешто не се случи во работењето на Еуростандард банка.

Мерката администрација значи преземање на банката под комплетна контрола на Народна банка, која што во рок од една година треба да направи комплетна анализа дали банката има право на живот или да оди во стечај. И оваа мерка беше прескокната од Гувернерот на Народна банка, госпоѓата Бежоска.

За госпоѓата Бежоска вонредната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 значеше само уште еден повод повеќе, час поскоро Еуростандард банка да се однесе во стечај.

Цели 3 месеци пред објавувањето на стечајот таа одбиваше да го прими потенцијалниот партнер, спремен да влезе во структурата на банката со нова свежа докапитализација.

Тенденцијата на госпоѓата Бежоска да ја однесе Еуростандард банка во стечај беше очигледна, бидејќи ги презема сите мерки против банката за нејзино уништување.

Цела година наназад на банката ѝ беше одземено правото да работи со правни и физички лица. Со одземено право за работа со правни и физички лица Народна банка вршеше голем притисок врз мене и моето семејство да ја докапитализираме банката. Овој притисок настана во моментот кога одбивме да се споиме со Комерцијална банка.

Ние како семејство ја докапитализиравме банката, на 6 месеци пред објавувањето на стечај со нови 13,5 милиони евра свеж капитал.

Во даденото интервју за неделникот Фокус на 03.09.2020 година, госпоѓата Бежоска не го криеше фактот дека вршела протисок врз нас акционерите на банката за докапитализација. Целта беше една, да се обезбедат повеќе средства во стечајната маса за клиентите на Еуростандард банка.

Ваквата изјава говори само едно, дека одлуката да се носи Е уростандард банка во стечај била донесена многу порано, поточно во моментот кога одбивме да се споиме со Комерцијална банка, а ние акционерите сметавме дека докапитализацијата требаше да ја стабилизира банката. Основниот порив на Народна банка мора да биде спасување на банкарскиот систем, а не негово уништување, какво што во случајот се направи.

Прашање е кој стои зад ваквата одлука на госпоѓата Бежоска?

Сите мои анализи укажуваат дека стојат поединци и групи кои имале силно влијание во владата предводена од СДСМ и ДУИ.

2. Самата Техничка влада на Оливер Спасовски носи две уредби со сила на закон, кои што исклучиво одат во интерес на потегот направен од Народна банка за итно носење во стечај на Еуростандард банка, веднаш по завршувањето на вонредната состојба од пандемијата Ковид-19.

Имено, на 24.02.2020 година во Службен весник на Македонија е објавена уредба од Техничката влада со сила на закон, за забрана на носење правни субјекти во стечај, минимум 3 месеци по завршувањето на вонредната состојба. Ваквата уредба со сила на закон е поништена со исто таква уредба, овој пат објавена на 29.05.2020 година, која тврди дека стечај на правни субјекти може да се направи веднаш по завршувањето на вонредната состојба.

Единствен правен субјект, кој замина во стечај после завршување на вонредната состојба е Еуростандард банка.

Почитувани читатели, денес ќе споделам со вас непроверена информација која може да е шпекулација, а можеби и не. И двата стечајни управители кои го водат стечајот Душко Тодески и Маринко Саздовски во неофицијален разговор со нивни блиски пријатели коментирале дека се зачудени од отворениот стечај на мојата банка, бидејќи во нивното професионално животно искуство, како стечјни управители, не се соочиле со толку голем прилив на финансиски средства во стечајната маса на Еуростандард банка, со кои што се покриени сите правни, физички лица, клиенти на банката.

Криминалот и корупцијата мора да бидат уништени. Тие се најголемиот и суштински проблем во државата, од нив и во нив се сите сериозни проблеми на еден дисфункционален систем Еуростандард банка е жртва токму на организиран криминал и корупција. Жално е што сторителите на овој криминал сѐ уште се недопирливи и како такви сѐ уште на своите работни места и функции.

Почитувани читатели, бидете убедени дека со упорноста и со аргументите, во име на правдата, ќе ги допрам недопирливите.

Back to top button
Close