ИНТЕРВЈУ: Трамповата „стратегија на хаос“ веќе му се враќа како бумеранг

Интервју со писателот на „Њу Репаблик“, Тимоти Ноа, кој тврди дека фијаското на Трамп со замрзнувањето на финансирањето покажува дека тој е „слаб претседател“ чијашто фалена „стратегија на хаос“ веќе се соочува со проблеми.

Следното е благо уредена транскрипција од епизодата на „Дејли Блест“ која се емитуваше на 30 јануари.

Грег Сарџент: Во средата, администрацијата на Доналд Трамп го укина меморандумот за неговото катастрофално замрзнување на трошоците, а укинување делуваше како потклекнување пред националниот револт. Бргу потоа, Трамп се појави пред камерите и изнесе бизарна лага за 50 милиони долари од американските даночни пари кои наводно биле потрошени на кондоми за Хамас во Газа. Вакви работи често се опишуваат како стратегија на „потоп врз зоната“ со која Трамп фрла толку многу лаги и злоупотреби на власта, што не можеме да се снајдеме. Шах-мат либерали, Трамп победува! Но, што ако оваа стратегија на хаос всушност не е толку итра колку што изгледа? Што ако е поверојатно дека ќе се врати како бумеранг? Денес ќе зборуваме за тоа со Тимоти Ноа од „Њу Репаблик“, автор на нов текст кој тврди дека Трамповата стратегија на хаос е всушност начин на создавање основа за консолидација на власта. Тим, благодарам што повторно си со нас.

Тимоти Ноа: Благодарам за поканата.

Сарџент: Да започнеме со лагата на Трамп за кондомите. Во средата Трамп изјави: „Идентификувавме и сопревме 50 милиони долари кои требаше да бидат испратени во Газа за купување кондоми за Хамас. Педесет милиони. И знаете ли што направија со нив? Ги користеа за правење бомби“.

Сарџент: Тим, МАГА го турка ова силно. Прес-секретарката Каролин Левит го изнесе истото тврдење од говорницата на Белата куќа; портпаролот на Стејт департментот исто така го поддржа. Глен Кеслер од „Вашингтон Пост“ го провери и откри дека е лага. Тој им побара документација, но немаа ништо. Тие навистина се мачат да докажат дека нивниот лов на расипништво и злоупотреби дава резултати. Што се обидуваат да направат со ова?

Ноа: Да, тоа е лага. Трамп кажува работи затоа што му се допаѓа како звучат. Во мојот текст ја изнесувам теоријата дека начинот на кој авторитарните лидери ја консолидираат власта е преку создавање кризи. Јасно е дека токму тоа го прави тимот на Трамп. Но, би додал важна забелешка, а тоа е дека хаосот природно му доаѓа на овој човек. Тој е ментално неспособниот претседател на САД — мислам дека тоа е единствениот начин на кој може да се опише. Има добро документирано нарцисоидно нарушување на личноста, а има и когнитивен пад, кој исто така е документиран и забележан од голем број медицински професионалци и други. Значи, го имаме овој луд човек кој е претседател на САД и што кажува секакви работи, создавајќи хаос. Ова се канализира и преку неговите помошници, но не им успева.

Сарџент: Барем не засега, тоа е сигурно. Администрацијата го укина меморандумот со кој масивно се замрзнаа трошоците, што предизвика хаос и стана закана за сите видови владини програми. Малку е нејасно што точно се случи тука. Изгледа дека сè уште се обидуваат да паузираат некои трошоци, но мислам дека ова е очигледно потклекнување. Во твојот текст напиша дека Трамп веројатно мисли дека исклучувањето на целото тоа федерално трошење исто така би било корисно за неговата поголема стратегија на консолидирање на моќта. Како точно би функционирало тоа?

Ноа: Не верувам дека ниту Доналд Трамп ниту Расел Воут навистина разбираат што кажале во тој миг. Воут е непотврдено е номиниран од Трамп да ја води Канцеларијата за менаџмент и буџет, а Белата куќа повеќе или помалку потврди дека ја водел оваа операција. Се однесува на нешто наречено федерална финансиска помош. Што е федерална финансиска помош во споредба со други видови трошоци? Ова е објаснето во закон од 1977 година, кој не зема јасна позиција на темава. Она што го знаеме е дека набавката на објект како носач на авиони не е федерална финансиска помош. Меѓутоа, купувањето услуги понекогаш е федерална финансиска помош, а понекогаш не. Како последица, секоја агенција во федералната влада ја креваше секоја рампа што можеше да ја најде затоа што никој навистина не знае што припаѓа во таа категоријата. Тоа беше тотален хаос.

Сарџент: Не само тоа, туку тоа очигледно е и нелегално. Сакам да прочитам еден ред од твојот текст: „Ниту еден претседател во историјата, дури ни Трамп во својот прв мандат, не направил толку многу нелегални активности за толку кратко време.“ Значи, ги имаме чистките на главните инспектори, што веројатно беа нелегални, со цел да се олесни корупцијата во агенциите. Имаме закана за гонење на државни службеници кои одбиваат да ги спроведат масовните депортации на Трамп – очигледно тоа беше правно неосновано. А сега овој обид да се узурпира конгресната моќ и да се исклучи федералното трошење кое Трамп не го сака — очигледно нелегално. Навистина мислам дека не сме виделе обид за консолидирање на власта како овој, нели Тим? Освен прашањето за улогата на хаосот, има механички обид за консолидирање на власта, досега невиден во тие размери.

Ноа: Точно. И има и други активности што можат да доведат до импичмент, а не ги спомнавте. Спомнавте една или две што јас не ги спомнав. Како што реков во мојот текст, ова стана некоја игра на пребројување. Но, изгледа како тој да прави повеќе отколку што навистина прави, уживајќи во театарскиот дел од претседателството. Вели дека направил нешта што не ги направил, си присвојува заслуги за нешта за кои не може да си присвои заслуги. И тоа го гледате тука.

Главната цел, мислам, на тој меморандум од ОМБ беше да се покаже дека претседателот има моќ да ги замрзне одобрените средства. Трамп се обидуваше да се изнервира и да ја наметне оваа моќ која во суштина ја нема. Тоа веднаш доведе до секакви тужби, сосема предвидливо, и Трамп се повлече. Трамп, како што тврдам, не е силен претседател. Тој е слаб претседател. Има авторитарни тенденции, но е слаб. Ментално е слаб. Подложен е на секакви манипулации од неговите помошници. Се обидува да направи разни контрадикторни работи. Не е компетентен. И според доказите од овој конкретен пример, и неговите поддржувачи не се компетентни. Сигурно Воугт разбрал дека овој меморандум ќе биде веднаш оспорен на суд. Тој требаше да предвиди дека Трамп нема способност да го толерира лошиот публицитет и дека дури и пред да има судска пресуда, ќе го повлече меморандумот. Сето ова се знаци на слабо претседателство, но слабоста исто така може да предизвика хаос. И очигледно искусуваме многу хаос, многу страв и вистинска деградација на способноста на владата да ги извршува своите функции.

Сарџент: Сакам да зборувам за твојот аргумент за слабоста и неуспехот. Интереснo е како тоа е спотивно на пропагандата на Трамп/Мага во моментов. Таа пропаганда постојано го турка идеалот дека Трамп и неговите сојузници неуморно ја спроведуваат неговата агенда. Тоа е постојано присутно на Твитер. Сите од МАГА објавуваат честитки за Трамп за уништување на либералите и слично.

Ноа: Го виде тоа нагласено дури и кај Џон Харис во „Политико“, текст што морам да кажам дека уште не можам да го преболам, длабоко ме вознемири.

Сарџент: А „Њујорк Тајмс“ денеска имаше апсурден текст, во основа велејќи дека Трамп поттикнува повлекување на неговите противници со т.н. „стратегија на поплавување на зоната“. Колку е голема наивноста, прикажувањето на стратегијата на Трамп како нешто мудро и умешно… длабоко навредливо кога доаѓа од новинари, нели?

Ноа: Да, тоа е затоа што е тешко ние новинарите да следиме сè што прави Трамп. Но, гарантирам дека тоа не е тешко за луѓето кои ќе ги носат на суд овие индивидуални акции. Секоја акција има различна целна група која се фокусира на одредена тема и која е подготвена да го тужи Трамп кога ќе направи нешто нелегално.

Сарџент: Токму така. Вистинската приказна тука е дека всушност веќе се прават грешки. Замрзнувањето на трошоците се враќа назад. ICE веќе истакнува како барањето на Трамп за поголеми апсења ќе создаде големи проблеми. Обидот да се укине државјанство по раѓање е запрен на суд. Не сакам да бидам премногу оптимист. Тие ќе направат многу штета—веќе прават штета. Но, јасно е дека она што го гледаме сега е дека нема да можат толку лесно да ја прегазат бирократијата и нашите институции, како што мислеа, како што мисли Џон Харис, како што го прикажа тој наивен текст во „Њујорк Тајмс“, нели?

Ноа: Точно. Дури и во републиканскиот Сенат, Трамп едвај успеа да го одбрани својот избор за секретар за одбрана, Пит Хегсет. Не верувам дека ќе успее да го одбрани и изборот на Роберт Ф. Кенеди Џуниор. Целата негова одлука да го номинира Кенеди навистина беше само одраз на суетата на Трамп. Еден од помалку привлечните негови квалитети е што тој длабоко ужива кога луѓе што го критикувале во минатото, ползат пред него. Го привлекуваат такви луѓе. Во овој случај, тој го награди Роберт Кенеди Џуниор со оваа номинација, за која Кенеди е очигледно неквалификуван, како што вчера со страст аргументираше Керолајн Кенеди.

Сарџент: И од демократските сенатори на Капитол Хил, во средата. Треба да споменеме дека голем број демократски сенатори апсолутно го уншитија РКФ Џуниор на сослушувањето. Можеш ли да ми кажеш зошто мислиш дека нема да биде одобрен?

Ноа: Па, основната аритметика е дека имаш некој што дури не е ни републиканец, а што се бори против големата фармација за сите важни прашања. Републиканците не сакаат, дури и во најдобри околности, да одат против бизнис-интересите. И мислам дека посветеноста на Трамп кон РФК Џуниор е слаба. Вакцинацијата не е прашање за кое Трамп има вистински интерес.

Сарџент: Секако се надевам дека си во право. Мислев дека веројатно ќе го одобрат РФК, но по денешното сослушување, не сум толку сигурен. Тулси Габард ми изгледа како некоја што не би била поддржана од одредени републикански сенатори.

Ноа: Точно. А со РФК, постои елемент на „внимавај што посакуваш“, затоа што не знаеме дали тој е посветен на уништувањето на „Обамакер“. А кој и да номинира Трамп наместо РФК Џуниор, мислам дека веројатно ќе биде посветен на тоа. И тоа нема да биде многу добра вест.

Сарџент: Сакам да се обидам да ги поврзам сите точки. Враќајќи се на тој смешен коментар за кондомите и Газа, она што го гледаме овде е обид да се деградира јавниот живот на секој можен начин. Прес-секретарот на Белата куќа го турка тој апсурд, постојат смешни правни основи за огромни узурпирања на власта, Трамп излегува и бара од своите агенти на ICE да постигнат квоти за апсења… како што беше пријавено во „Вашингтон пост“, сè се сведува на претворање на јавниот живот во голема шега.

Ноа: Трамп нуди да ги откупи федералните вработени, да им понуди да се повлечат. Од каде ќе дојдат парите, не знае никој.

Сарџент: Точно. И оваа идеја дека Трамп е некаков волшебник кој може само да нè збуни со магична стратегија на одвраќање, постојано се третира со неверојатна наивност од медиумите. Ајде да зборуваме за тоа. Деградацијата на јавниот живот е нешто што се случува.

Ноа: Ова е многу, многу грд и лош момент во американската политика.

Сарџент: Пишуваше за деградацијата и ширењето на злобата во американската политика и што тоа значи за твојот билтен. Можеш ли да зборуваш и за тоа?

Ноа: Да, имам Сабстек билтен наречен „Backbencher“ кој главно го користам за да ги објавувам текстовите што ги пишувам за „Њу Репаблик“. Денеска пишував за едно сеќавање од минатото. Кога имав 10 години, по убиството на Кенеди во 1968 година, мајка ми ми рече: „не разбирам што се случува со оваа земја“. Споредив белешки со други луѓе на моја возраст и речиси секој што го прашав ми кажа дека родителите им го рекле истото кога имале 10, 9 или 11 години. Шеесет и осмата беше ужасна, ужасна година. Го видовме убиството на Мартин Лутер Кинг и на Роберт Ф. Кенеди. Подоцна, видовме ужасен хаос на Демократската конвенција. Видовме бесконечна војна во Виетнам. Тоа беше време кое беше незамисливо мрачно. Луѓето велеа: „не разбирам што се случува со оваа земја“. И мислам дека луѓето се чувствуваа така во првиот мандат на Трамп. Мислам дека сега тоа чувство е уште посилно. И мислам дека сè повеќе луѓе ќе го почувствуваат тоа, многу луѓе кои гласаа за Трамп во 2024 година ќе го почувствуваат тоа. Ова е тажен момент. За оние од нас кои навистина веруваат во оваа земја и веруваат во нејзината влада, е навистина уништувачки да се гледа што се прави во нејзино име.

Сарџент: Па, исто како што се случи во 2018 година, можеме и во 2026 година да видиме сличен одговор, еден кој навистина ќе се стреми повторно да ја внесе пристојноста во јавниот живот и да се спротистави на деградацијата, нели?

Ноа: Да, мислам дека ќе има излез, но далеку е. Дури и на подолг рок… Не знам дали се согласуваш, можеби ова звучи чудно, но мислам дека Републиканската партија се распаѓа. Лиз Чејни го кажа тоа и мислам дека е апсолутно во право. Конзервативците, сериозните конзервативци, ќе треба да почнат да бараат нова партија која ќе ја создадат на нејзино место. Републиканците навистина го продадоа речиси секој принцип и станаа—ова не е нова мисла—култ на личност. И тоа не се уништува лесно.

Сарџент: Па, човек може само да се надева дека си во право. Не сум сигурен за првиот дел – идејата дека Републиканската партија се распаѓа, но вториот дел, дека секој принципиелен конзервативец навистина нема друга опција освен да бара некоја алтернатива, е точно. Тимоти Ноа, многу ти благодарам што дојде. Имавме одличен разговор.

Ноа: Благодарам што ме покани, Грег.

Сарџент: Слушавте „Дејли Блест“ со мене, вашиот водител, Грег Сарџент. Ова е поткаст на „Њу Репаблик“.

Извор: Newrepublic

Превод: Филипа Сара Попова

 

 

Back to top button
Close