„Мигрантите” во германскиот јазик
По иницијатива на Гете-институтот и на Германскиот совет за јазикот, во 2008 беше објавен конкурс за избор на најубавиот „збор со миграциско потекло”. Треба да се истакне дека „луѓе со миграциско потекло” (Menschen mit Migrationshintergrund) денес во Германија се нарекуваат тие кои до 90-те уште беа само „гастарбајтери” (Gastarbeiter). Најголемиот број од нив припаѓаат на втората генерација во „гастарбајтерските” фамилии. Тие се нивните деца, најчесто родени и целосно интегрирани во Германија, а неретко имаат и германско државјанство. Двете културни институции сакаа со конкурсот да покажат дека во германскиот, како и во сите други јазици, одамна има зборови со „миграциско потекло”. Има зборови за кои секој Германец верува дека се исконско германски, затоа што не знае дека потекнуваат од некој друг јазик. За разлика од луѓето со „миграциско потекло”, овие зборови се одамна „погерманчени”, а со тоа и добродојдени. За најубав збор со „миграциско потекло” во 2008 беше избран германскиот збор Tollpatsch (трапав, несмасен човек). Само лингвистите знаат дека зборот Tollpatsch потекнува од унгарскиот збор „talpas“, што значи „големо стапало”, а бил погрдно име за унгарските војници-пешадијци. Како се „доселил” во германскиот? Во времето кога германскиот јазик беше официјален јазик и за Унгарците во Австро-Унгарија.
Во историјата на Европа постоеле многу царства, во чии граници во одредени периоди биле и народите кои денес живеат во границите на својата национална држава.Тие историски периоди оставиле трага и во јазикот.Во времето на Наполеон, Келн бил дваесет години дел од Франција. Затоа и денес во келнскиот говор има многу погерманчени француски изрази. Постарите жители на Келн за тротоар не велат Bürgersteig, туку Trottewar, од францускиот Trottoir, како и за чадор Paraplü, од францускиот збор Parapluie, а не Regenschirm, како другите Германци. И зборот Panz (дете) е келнска верзија на францускиот збор Pance. Овие погерманчени „туѓинци” се најскапоценото јазично наследство на келнјани, иако не се германски.
Кебапчиња, гирос, ајвар и пица
Слично е и со многу други зборови во современиот германски јазик. Тие се неразделен дел од приказната на првите гастарбајтери, родителите на денешните граѓани со „миграциско потекло”.Такви зборови се турските Döner и Kebab, арапските Falafel и Humus, грчките Gyros, Zaziki и Feta, италијанските Pizza, Pasta и Mozzarella, балкaнските ајвар, кебапчиња, вешалица, ражњичи, но и многу други зборови од други јазици.
Откако во 2015 во Германија пристигнаа голем број сириски бегалци, кон турските грчките, шпанските, италијанските и балканските специјалитети се придружија и сириските. Кога денес германските десничарски партии како АФД, во стилот на старите нацисти повторно шират омраза против луѓето со „миграциско потекло”, нивните симпатизери не се свесни дека со тие луѓе би си заминал и еден важен дел од денешната германска култура на живеење.
„Конечно решение” и холокауст
Не треба да се заборави дека старите нацисти со теоријата за ариевската раса ги донесоа „расните закони” со кои од одамна асимилираните германски Евреи направија непожелни „туѓинци”. Тие се чувствуваа како Германци и учествуваа во Првата светска војна како германски патриоти, но, сепак, подоцна беа прогонети и убиени.Во есејот „Зборовите од туѓината” (Wörter aus der Fremde, 1959), филозофот Теодор В. Адорно, роден во Франкфурт 1903 во асимилирано еврејско семејство, се потсетува на гимназиското време, кога тој и неговиот другар намерно употребувале многу „странски зборови”(Fremdwörter), за да ги нервираат наставниците, кои во духот на национализмот во Првата светска војна, ја бранеле „чистотата“ на германскиот јазик. Странските зборови тогаш за Адорно биле „малечки клетки на отпорот“ против затвореноста на националистичкиот дух. Подоцна, за време на Втората светска војна, во егзилот во Америка, тој во „Минима Моралиа“ напиша дека „странските зборови се Евреите на јазикот“. За Адорно употребата на странските зборови е израз на еманцпираниот дух на хуманизмот. Тој дух на културата и хуманоста нацистите го прогонија со патолошката самовљубеност во својата национална величина. Третиот Рајх создаде еден германски јазик со јазични изрази кои ја одразуваа затвореноста во „своето“, а притоа со навидум обични зборови го „маскираа“ најварварскиот чин во историјата. Систематското убивање на Евреите во Третиот Рајх се нарекуваше со шифрата „конечно решение“ (Endlösung), како да беше обична административна мерка. Иако по војната сите знаеја што значеше изразот „Endlösung”, најголемиот број Германци молчеа. Адорно беше еден од тие кои индустриското убивање на шестте милиони Евреи секогаш го означуваше со името „Аушвиц”. Се‘ до 1979 во германскиот јазик немаше збор кој јасно би го именувал убиството на милионите Евреи во Третиот Рајх.
Во 1979 во Западна Германија беше прикажан американскиот телевизиски филм „Holocaust“. Овој збор потекнува од грчкиот збор „holocauston“. Тој значи „целосно изгорено”. Од тој миг во германскиот јавен и научен дискурс за Третиот Рајх и за масовното убиство на Евреите почна да се употребува зборот „холокауст”.
АфД и ремиграција
Иронијата на историјата е што денешната екстремна десница, партијата АФД, која е инспирирана од старите нацисти, применува сличен еуфемизам за нехуманите акции за кои се застапува. Ако Хитлер варварскиот чин на прогонувањето на Евреите го камуфлираше со навидум неутралниот германски збор „Endlösung”, денес АФД го употребува навидум апстрактниот странски збор „Remigration“, само за да камуфлира дека се работи за план за протерување од Германија не само на бегалците, на илегалните азиланти, туку и на некогашните „гастарбајтери” и на луѓето со „миграциско потекло”, кои се целосно интегрирани во германското општество. Поимот „ремиграција” е доволно апстрактен како клише за модерен, цивилизиран израз зад кој никој не би помислил дека зад него се крие антицивилизациски план. Политичарите на АФД, дури и кога се жени, како автомати ја повторуваат реториката и гестикулацијата на старите нацисти.
Со право Адорно постојано истакнуваше дека зборовите не се случајни изрази, затоа што во нив се крие напластено ненадминато историско искуство. Со странскиот израз „ремиграција”, политичарите на АФД сакаат да го разбудат потиснатото сеќавање на времето кога во Третиот Рајх многу Германци учествуваа во погромите и убиството на Евреите. Денешните десничари не сакаат да се издадат која е нивната инспирација, ниту да откријат дека сонуваат за иста депортација и прогон на „различните, но, сепак, се сигурни дека со тоа кај нивните симпатизери ќе ги рзабудат истите фантазии. Дијаболичноста на овие политичари е во тоа што тие со својата демагогија создаваат простор за пројавување на старите соништа за „Германија на Германците”. Затоа им ветуваат на своите симпатизери дека со нив Германија ќе ја напушти ЕУ и ќе ја врати германската марка. Иако веројатно во нивната анахрона фантазија најрадо би ја вратиле „рајсмарката”. Притоа, ако националсоцијалистите на Хитлер ја ширеа омразата кон Евреите со памфлетот „Протоколите на мудрите од Сион”, денешната германска екстремна десница вешто се служи со теориите на заговор, произведени во фабриките за „хибридна војна” во различни центри на моќ во светот. Старите антицивилизациски, анахрони фантазии се шират со помош на најмодерната дигитална техника, додека тие што се збогатија со неа, стануваат имитација на старите нацисти, затоа што ги повторуваат истите пропаганди за мигрантите и бегалците. Во еден свет кој одамна е глобално село, со јазици во кои секоја година се „вселуваат” нови зборови за производите на најмодерната технологија. (Dw)
Кица Колбе