Дамева и Чачарова Илиевска од Судскиот совет ги разгледуваат интерпелациите и ќе се изјаснат со свој став за нив
Весна Дамева и Тања Чачарова Илиевска, членови на Судскиот совет, за кои владејачкото мнозинство поднесе интерпелации со Собранието денеска изјавија дека ги анализираат документите и дека ќе го соопштат својот став во јавноста. Чачарова Илиевска смета дека во интерпелацијата за неа се зборува за колективна одговорност.
Интерпелацијата поднесена во Собранието ја добив доцна во текот на вчерашниот ден и во фаза сум на анализирање на причините и генерално на нејзината содржина. Кога ќе го изградам својот став ќе ѝ биде соопштено на јавноста, нема да остане јавноста без одговори, односно без мое произнесување, изјави членот на Судскиот совет Весна Дамева по поднесените интерпелации во законодавниот дом од страна на пратеничките групи на владејачката коалиција за пет членови на Судскиот совет.
Според Дамева, оставка се поднесува само доколку постојат оправдани причини, нагласувајќи дека сепак тоа е личен чин.
– Оставката е личен чин и се поднесува оставка доколку постојат оправдани причини за истото. Останувам отворена за тоа кои ќе бидат идните чекори и од моја страна и од страна на Собранието, рече Дамева.
Членот на Советот Тања Чачарова Илиевска, за која исто така беше поднесена интерпелација во законодавниот дом, посочи дека одговорноста мора да биде индивидуална и покрај тоа што Советот е колективно тело.
— Ја прочитав интерпелацијата, но имав обврски и немав можност да ја разгледам добро. Она што ми падна во очи е дека се однесува на членот на Судскиот совет Тања Чачарова Илиевска, а се зборува за колективна одговорност. Во моите излагања во многу наврати сум зборувала дека одговорноста мора да биде индивидуална и покрај тоа што Советот е колективно тело. Ние сите гласаме со својот глас и во зависност од секој глас одредена одлука се носи според мнозинството гласови. Треба навистина добро да изанализирам и ќе дадам свој став во рокот предвиден во Деловникот на Собранието, рече Чачарова Илиевска.
Освен за Дамева и Чачарова Илиевска, владејачкото мнозинство поднесе интерпелации и за Миљазим Мустафа, кој веќе се изјасни дека нема намера да поднесе оставка поради интерпелацијата, како и за Павлина Црвенковска и Селим Адеми.
Советот денеска ја одржа 515. седница на која судијката Татјана Малинова беше избрана за претседател на Основен суд Струмица и беше донесена одлука за престанок на судијата поротник на Основен граѓански суд Скопје Максим Станчевски.