Дамева за интерпелацијата: Оставката е личен чин, се поднесува само кога постојат оправдани причини

Поранешната претседателка на Судскиот совет и актуелна членка на ова тело, Весна Дамева, вели дека е во фаза на разгледување на интерпелацијата за нејзината работа што власта ја поднесе во Собранието.

Освен за неа, пратениците од мнозинството во Собранието поднесоа интерпелации и за работата на преостанатите четири члена на Судскиот совет кои ги избира парламентот.

„Интерпелацијата која е поднесена во Собранието ја добив доцна во текот на вчерашниот ден и во фаза сум на анализирање на причините и генерално на нејзината содржина. Кога ќе го изградам својот став, во тој момент сигурно ќе ѝ биде соопштен на јавноста. Нема да остане јавноста без мое произнесување“,изјави Дамева во одговор на новинарско прашање.

Рече дека оставката е личен чин и дека се поднесува само во случај кога постојат оправдани причини за тоа.

На став дека треба добро да ја анализира и разгледа интерпелацијата поднесена против неа, изјави и членката на Судскиот совет, Тања Чачарова-Илиевска. Додаде дека и покрај тоа што Судскиот совет е колективно тело и одлуките се носат со мнозинство гласови, одговорноста мора да биде индивидуална.

„Ја примив интерпелацијата вчера. Сега за став не сум подготвена да зборувам затоа што сметам дека треба добро да се изанализираат наводите. Ја прочитав, но поради обврски немав можност да ја разгледам добро. Она што ми падна во очи е дека тоа не е интерпелација за членот Тања Чачарова-Илиевска на Судскиот совет, не упатува на интерпелација на Судскиот совет. Се зборува за колективна одговорност. Јас не еднаш во моите обраќања кажувам дека одговорноста мора да биде индивидуална и покрај тоа што Судскиот совет е колективно тело. Ние сите гласаме за една одлука и во зависност од гласовите на секој од нас се носи одлуката со мнозинството на гласови. Токму од тие причини, потребно е да ја изанализирам“изјави Чачарова-Илиевска.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со пратениците од ЗНАМ и „Вреди“, на 7 февруари во Собранието поднесоа интерпелација за работата на членовите на Судскиот совет што се избираат од страна на парламентот.

Станува збор за петмина членови на Судскиот совет од вкупно 15, колку што брои ова тело.

Back to top button
Close