Советот на јавни обвинители нема добиено предлог за разрешување на републичкиот јавен обвинител Коцевски
Претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска, денеска, во врска со донесената одлука на Владата за поведување на постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, вели дека досега до Советот на јавни обвинители не е доставен таков предлог.
– Досега до Советот нема доставено никаков предлог, кога ќе биде доставен предлогот ќе се произнесеме, вели Димитриеска.
За назначувањето на обвинителката Наташа Крстевска Цалева за шефица на Вишото јавно обвинителство, додека трае оддалечувањето на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, претседателката на Советот на јавни обвинители вели дека одлуката е донесена едногласно од сите членови на Советот.
– Следејќи ги состојбите во Вишото јавно обвинителство во Скопје, каде вишиот јавен обвинител е оддалечен од функцијата, на седница на Советот на јавни обвинители, одржана на 10.02.2025 беше потврдено дека во Вишото јавно обвинителство е потребно да се назначи обвинител кој ќе раководи со работата на Обвинителството за време додека трае оддалечувањето на вишиот јавен обвинител. Одлуката е донесена едногласно од сите членови на Советот, рече Димитриеска.
На седницата одржана на 10 февруари, беше посочено дека вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи не може да раководи со Вишото јавно обвинителството со оглед на тоа дека против него се води кривична постапка, по што по предлог на Коцевски едногласно беше избрана Крстевска Цалева за шефица на Вишото јавно обвинителство додека трае оддалечувањето на Хајрулахи.Како што претходно изјави портпаролката на Владата Марија Митева, одлуката за разрешување на Коцевски е донесена поради Индексот на транспарентност за кој рече дека можело детално да се види дека четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во Обвинителството и судството, како и поради последното именување на Наташа Крстевска Цалева за шефица на Вишото јавно обвинителство, додека трае оддалечувањето на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи.
Во писмената изјава на Коцевски по одлуката на Владата да покрене постапка за негово разрешување вели дека секогаш работел согласно закон и дека не е првпат да се постапува на овој начин и дека приоритет било да се определи раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје кој ќе биде гарант за непристрасното, професионално и објективно работење на обвинителството до завршување на дисциплинска постапка за обвинителот Хајрулахи.