Сопругата на Владимир Нелоски, кој е шеф на кабинетот на Мицкоски, членува во еден од надзорните одбори при ЕСМ

Сопругата на шефот на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски од септември 2024 година извршува функција член на надзорниот одбор во едно од друштвата кои ги основа државната компанија ЕСМ, пренесе Фокус.

Мартина Нелоска, сопруга на шефот на Канцеларијата на премиерот, Владимир Нелоски е член на надзорот на Фабриката за опрема и делови „ФОД ДОО Новаци“ заедно со Анета Чилиманова и Ацо Маркоски, а според информациите од ЕСМ, сите тројца се вработени во АД ЕСМ.

АД Електрани на Северна Македонија во државна сопственост, Скопје е основач на друштвата со ограничена одговорност, основани од едно лице, меѓу нив и ФОД ДОО Новаци.

Управниот одбор на ЕСМ именува нови директори во дел од подружниците и друштвата во рамките на компанијата, но и членови на надзорниот одбор. За управител на фабриката за опрема и делови ФОД ДООЕЛ – Новаци е именуван Николче Котевски, кој работел во Царинската управа.

„Изборот на членови на Надзорниот одбор на трговското друштво Фабрика за опрема и делови ФОД ДООЕЛ Новаци, се врши согласно Изјавата за основање на друштвото и Законот за трговските друштва. Ве известуваме дека Мартина Нелоска, која е вработена во АД ЕСМ, согласно член 246 од Законот за трговските друштва е назначена за член на Надзорен одбор на Фабрика за опрема и делови ФОД, од страна на Управниот одбор на АД ЕСМ, како основач и единствен содружник на Фабрика за опрема и делови ФОД.

Имено, согласно член 246 став 1 од Законот за трговските друштва: Собирот на содружниците ги избира и отповикува членовите на надзорниот одбор, освен ако со договорот за друштвото поинаку не е определено. Во друштвото со ограничена одговорност од едно лице, ако содружникот одлучил да образува орган на надзор, членовите на надзорниот одбор, го избира и го отповикува со своја одлука единствениот содружник“, велат од АД ЕСМ за „Фокус“.

Иако е назначена за член на надзорниот одбор на крајот на септември, по речиси четири месеци откако Владимир Нелоски беше избран за шеф на кабинетот на Христијан Мицкоски, Мартина Нелоска е избрана законски.

„Во ставот 3 од истиот член (246, Закон за трговски друштва) е предвидено кои лица не можат да бидат избрани за членови на Надзорен одбор на ФОД Новаци, а тоа се: управителот и вработените во друштвото, сопрузите, лицата кои се во сродство по права линија и по странична линија до трет степен со управителот и лицата на кои судот, со одлука, им забранил вршење ревизиски работи додека трае забраната или физичко лице кое е член во пет надзорни одбори во акционерски друштва или во друштва со ограничена одговорност.

Врз oснова на тоа, нема законска пречка поради која Мартина Нелоска не може да биде избрана за член на Надзорен одбор, односно за член на Надзорен одбор на ФОД ДООЕЛ Новаци од страна на основачот и единствен содружник, АД ЕСМ – Скопје“, гласи одговорот од АД ЕСМ.

Повеќе

Back to top button
Close