(ВИДЕО) Непотполн катастар на шуми отежнува борба со подметнувачите на пожари

>ИНТЕРПОЛ укажува дека во секоја фаза од синџирот за снабдување со дрвесина може да се случи коруптивна активност. Пред кои предизвици се македонските истражни органи во утврдувањето на нелегалните активности – подметнување шумски пожари и прикривање на нелегалната сеча по нив?

 

Разликата во цената (на опожареното и неопожареното дрво, н.з.) е огромна и токму ова пројави некои сомнежи и кај мене и кај одредени луѓе од шумарската фела дека во одредени места, на одредени површини, се правеле токму вакви манипулации. Јас, конкретно за Малешевијата, имам поднесено пријави до инспекторатот и обвинителствата“, ни објасни Кире Михаилов, заменик-директор во ЈП „Национални шуми“.

Во Обвинителството во Скопје нѐ информираа дека оформиле предмет по пожарите во Малешевијата во 2021 година, бидејќи постоел сомнеж на намерно палење на шумите. Сторителот не се идентификувал и на крајот не можело да се направи истрага, бидејќи Обвинителството можело да постапува само против познати сторители на кривични дела. Проблем е обезбедувањето на доказите.

Обвинителство

„Намерното предизвикување на пожар во шумски предел, којшто не е населен, кадешто движењето на луѓето е ретко, којшто не е обезбеден со безбедносни и сигурносни камери, или друг вид на надзор, се разбира дека претставува предизвик, особено од аспект на утврдување на идентитетот на лицата коишто ги подметнале пожарите, пред сѐ. Ако станува збор за одредени поттикнувачки дејствија од страна на други лица, на фирми, во однос на мотивите за подметнување на пожарот, тогаш Обвинителството навистина има потреба од голем обем на докази, со коишто во една судска постапка, надвор од разумно сомневање, ќе докаже дека мотивите за подметнување на пожарот биле навистина економски. Кривичните дела коишто се употребуваат во оваа смисла, или коишто санкционираат вакви дејствија, во самиот опис не предвидуваат потреба за утврдување на корист, како битен елемент, на сторување на кривичното дело“, објаснува Билјана Арсовска, портпаролка на Јавното обвинителство и додава: „Во последниот период, во Јавното обвинителство не се евидентирани пријави во коишто се воспоставува директна врска помеѓу подметнувањето на пожарот и начинот на којшто се користи дрвната маса“.

Билјана Арсовска портпаролка на Обвинителството

За предизвикување шумски пожар пониска казна од таа за општа опасност

Предметите поврзани со шумските пожари најчесто се водат за кривичното дело предизвикување општа опасност, во кое спаѓа, на пример и пукањето со оружје или користењето експлозивни средства. Во последниве години Обвинителството бележи тренд на зголемување од околу 10 проценти и на другите, но и на делата поврзани со шумските пожари. Со измени во Кривичниот законик, казната за делото предизвикување општа опасност станала повисока отколку за кривичното дело предизвикување шумски пожар.

„Всушност од измените на Кривичниот законик некаде во втората половина, односно крајот на 2023 година, кривичното дело предизвикување општа опасност, во однос на санкците, е дури и построго кривично дело отколку кривичното дело предизвикување шумски пожар. Исто така, кривичниот законик, во делот на поимите со коишто оперира, коишто ги објаснува, не прецизира што подразбира, што се подразбира под шумски пожар или шумско подрачје. Меѓу другото, на национално ниво, пак, извесен период ни недостигаше и прецизна евиденција на шумските појаси, на шумите и на нивната реална вредност со цел да може да се изврши проценка на штетата. Сепак, онаму каде што е обезбеден доволен обем на докази, каде што се идентификувани сторители на кривично дело, Јавното обвинителство постапува, таквите предмети ги процесуира и сторителите ги санкционира“, објаснува Арсовска.

Прашавме во МВР колку лица имаат добиено обвинение за намерно подметнување пожари во македонските шуми? Во периодот од 2015 до ноември 2024 година евидентирани се 15 кривични дела од 15 сторители. Во годините 2015, 2019 и 2022 не се регистрирани ни кривични дела, ниту сторители за предизвикување шумски пожар по членот 227 од Кривичниот законик. Во 2018 година, пак, за кривичното дело не е најден сторителот. МВР лани поднело пријави за предизвикување општа опасност поврзани со шумските пожари.

Инфографик МВР подметнување шумски пожари

„Во рамки на ОА ‘Пожар 2024“, поднесени се 30 кривични пријави против 38 сторители за сторени 31 кривично дело ‘предизвикување општа опасност’, две за ‘предизвикување шумски пожар’ и едно за ‘поттикнување’. Пријавите се поднесени од СВР Битола – 13, СВР Охрид – шест, СВР Велес – четири, СВР Струмица – три, СВР Скопје – две, СВР Тетово и СВР Штип по една. Поднесени се и пет кривични пријави против непознат сторител“, стои во одговорот од МВР.

Пиромани не одговараат, бидејќи шумата што ја палеле на хартија е пасиште

Тоа што Обвинителството посочи на недостаток на прецизна евиденција на шумските појаси, ни беше потврдено и во Миниустерството за земјоделство и шумарство и во Катастарот.

„Во однос на шумските пожари, проблем претставува пошумувањето или самата обнова на шумата на површини кои биле пасишта, кои не се внесени како катастерска парцела ‘шума’. Ако се фати сторител на лице место не може да се санкционира за палење или за сеча на шума, затоа што на хартија стои дека таа површина е пасиште. Најверојатно со одлука на Влада овие површини ќе се внесат во Катастарот како шума“, објаснуваат во Министерството за земјоделство и шумарство.

Од Катастарот нѐ информираат дека оваа иституција не оди на терен за да ја попише шумата, туку дека исклучиво постапува по пријава.

„Можеме да видиме колку шума е запишана кај нас, но немаме евиденција на пример, колку шума има целата територија на државата. Не поседуваме информации дали некоја парцела која е заведена како земјоделско земјиште во меѓувреме мажеби станала шума, или спротивно, некоја шума во меѓувреме да била ископачена и претворена во нива, доколку за тоа не е поднесена соодветна пријава“, информираат од Агенцијата за катастар на недвижности.

Шума

Корупција во секоја алка од синџирот за снабдување со дрвесина

Во борбата со шумскиот криминал се вклучува и ИНТЕРПОЛ. Прашавме дали од ИНТЕРПОЛ била побарана помош во справувањето со продажбата на нелегално дрво.

„Нашата генерална политика е да не ја коментираме ситуацијата со криминалот во одредени земји-членки, а ИНТЕРПОЛ не спроведува истраги сам по себе. Нив секогаш ги водат националните власти. Кога ги поддржуваме истрагите, сите поврзани информации остануваат во сопственост на националните власти кои ја водат истрагата“, ни одговорија од ИНТЕРПОЛ нагласувајќи дека не можат да зборуваат за детали од истраги.

На сајтот на ИНТЕРПОЛ има повеќе детали за тоа како постапуваат на барање на земја-членка. По поднесено барање, „тим од специјализирани експерти за спроведување на законот може да биде распореден за поддршка на локалните органи“. ИНТЕРПОЛ нуди „дигитална форензика, техники за идентификација на видови, јазик и техничка поддршка при интервјуирање на осомничени, пристап во базата на податоци, последователна анализа на криминално разузнавање и идентификација на компоненти на транснационални криминал“.

Интерпол инфографик корупција во шумарство

Во документ на ИНТЕРПОЛ, за зајакнување на соработката за спроведување на законот против шумскиот криминал, се наведува: „Додека европските земји се најголемиот пазар на дрва во светот, има голем број земји во Источна Европа каде што цвета нелегалната сеча, главно поради целокупниот недостаток на координација помеѓу различните институционални и административни рамки. Дополнително, недостатокот на добро воспоставени билатерални процеси со соседните земји за борба против нелегалната трговија со дрва прави заедничките активности во контролата на прекуграничната нелегална трговија да не се доволно имплементирани“.

ИНТЕРПОЛ укажува дека во секоја фаза од синџирот за снабдување со дрвесина може да се случи коруптивна активност – од подмитување за дозволи за сеча, преку подмитување инспектори при сеча, фалсификување количини во испратници, мешање на легално со нелегално дрво во индустријата, лажни наоводи во документи за извоз до продажбата, кога инспектори се подмитуваат за да затворат очи пред продавање на нелегална дрвна маса и заштитени видови дрвја.

 

Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева
Соработник: Станимир Вагленов
Изработката на овој текст, и на документарно-истражувачкиот филм „Шумите во пламен“, е поддржана од Journalismfund Europe
Извор: Нота

Back to top button
Close