Уставниот суд бара „ремонт“ на Кривичниот законик
Уставниот суд поведе постапка за измените на Кривичниот законик, кои доведоа до застарување и „паѓање“ на многу случаи со висока корупција. Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на прес-конференција информираше дека ќе му биде наложено на Собранието на Северна Македонија во наредните шест месеци да ги направи неопходните измени на законот и да се усогласи со аргументите на Уставниот суд.
Костадиновски смета дека законодавецот донел закон со непоправлива штета за правната држава. „Слушнавме аргументи дека сите сме свесни за општествената реалност во која живееме и во која сметам дека имаме дефицит на одговорност, суфицит на неказнивост и пандемиски размери на корупција и злоупотреба на јавните функции. Собранието морало да води грижа кога ја креирало казнената политика“, вели тој.
Затоа Уставниот суд му дава уште една шанса на Собранието да се корегира во наредните шест месеци. „Доколку не се случи тоа, ќе следи укинувачка или поништувачка одлука. Тоа ќе зависи од одлуката на судиите како ќе ја утврдат тежината на уставната повреда“, порача Костадиновски.
Две различни мислења
Одлуката следи по седницата на која Уставниот суд расправаше за иницијативата за измените на Кривичниот законик од септември 2023 година кои вклучуваа намалување на казните за функционерите, што предизвика реакции и спротивставени мислења за уставноста на законот. Мнозинството од уставните судии сметаат дека законот е штетен и има далекусежни последици. Дел, од нив, пак, тврдеа дека не е во надлежност на Уставниот суд да одлучува за постапката на донесувањето на законот во Собранието.
Судијата известител, Елизабета Дуковска, посочи дека наводите на подносителот се неосновани и предложи судот да ја отфрли иницијативата. Но, уставните судии Ана Павловска Данева и Осман Кадриу ја оспорија одлуката на судијката Дуковска.
На 6 септември 2023 година, Собранието ги донесе измените на Кривичниот законик, кои предизвикаа лавина реакции, особено што со измените беа намалени казните за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување.
Иницијативата беше поднесена од претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов. Во неа се наведува дека оспорените законски измени се спротивни на владеењето на правото, заштитата на правото на сопственост и еднаквоста која ја промовира Уставот.
Министерството за правда веќе работи на нови измени за отстранување на штетните последици од измените од 2023 година и очекува новиот Кривичен законик да биде донесен во 2025 година. Новиот закон ќе се фокусира на унапредување на санкциите за тежок криминал и корупција, како и на заштита на човековите права. (Dw)