За Борисов изјавата на Мицкоски за (не)внесувањето на Бугарите во Уставот е “апсолутна провокација”
За разлика од кусиот коментар на Борисов, изјавата на македонскиот премиер преку објава на Фејсбук жестоко ја нападна лидерот на партијата Има таков народ (ИТН), Слави Трифонов, кој е дел од владејачкото мнозинство во Бугарија
Апсолутна провокација е изјавата на премиерот Христијан Мицкоски во врска со внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, оценува лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов.
Претседателот на партијата која има најмногу места во бугарскиот парламент и е стожерот на новата политичка влада во Софија, денеска одговарајќи на новинарско прашање како ја коментира изјавата на Мицкоски, како провокација или тест за новата влада во Бугарија, кусо рече:
„Апсолутна провокација и едноставно не треба да ѝ се обрнува внимание. Министерството за надворешни работи (на Бугарија) реагираше добро, така што – тие тоа можат“ изјави Борисов.
За разлика од кусиот коментар на Борисов, изјавата на македонскиот премиер преку објава на Фејсбук жестоко ја нападна лидерот на партијата Има таков народ (ИТН), Слави Трифонов, кој е дел од владејачкото мнозинство во Бугарија.
Според него, и покрај сите компромиси што ги направиле сите бугарски влади кон Македонија досега, Бугарија не добила ниту грам благодарност и почит, туку само омраза и себезалажување.
„Навистина ми е доста од овие луѓе. Не можам да кажам дали сум лут или тажен. Овој Мицкоски е избран демократски. Живо се сеќавам како за време на изборите целата негова изборна кампања беше заснована на омраза кон нас Бугарите. Затоа го избраа. И тој сега зборува вака поради тие што го избрале. Бугарија прва ги призна како држава, и покрај целата наша историја, и покрај сета фикција што ја претставуваат, и покрај сите глупости што ги кажуваат против нас со години, па и наназад… Меѓутоа, таму има луѓе кои се чувствуваат како Бугари. А Бугарија е насекаде каде што живее макар и еден Бугарин. И има многу повеќе од еден. Многу, многу, многу повеќе. Мора да се грижиме за нив, да размислуваме за нив и да се грижиме за нив. А гореспоменатиот Мицкоски, тие што го избраа и тие што уживаат во тоа што го кажува, што се однесува до мене, сите тие на чело со Мицкоски ќе ја гледаат Европската Унија низ искривена макарона. Многу искривена макарона!“вели Трифонов.
Изјавата на македонскиот премиер, која повторно ги сензибилизираше политичките и медиумските кругови во Софија, произлезе од неговиот одговор на пратеничко прашање од лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој бараше Мицкоски да каже дали Владата ќе се заложи за Македонците во Албанија кои се под налет на бугарска асимилаторска политика и дали ќе отвори македонски конзулат во Корча.
Мицкоски, одговарајќи од собраниската говорница, меѓу другото, рече дека суштинското прашање е зошто во земјава, каде има околу 700-800 Бугари, кои се декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот, треба да бидат ставени во Уставот, додека Албанија со осум илјади Бугари според бројките од пописот го нема тој услов.
На изјавата на премиерот Мицкоски, вчера преку соопштение реагираше и Министерството за надворешни работи на Бугарија, од каде што нагласуваат дека прашањето за правата на Бугарите во Република Северна Македонија не е билатерален спор меѓу двете земји, туку е прашање кое влијае на темелните европски вредности и стандарди.
Оттаму велат дека напредокот во процесот на европска интеграција на земјава е можен само преку „целосна и сеопфатна имплементација на Европскиот консензус, договорен и усвоен од Советот на ЕУ во 2022 година, чиј важен дел се измените на Уставот на РСМ“.
Дополнително, од бугарското МНР ги повикаа властите во Скопје да се воздржат од реторика која, како што се наведува, поттикнува поделби и омраза и наместо тоа да се фокусираат на исполнување на критериумите за членство во Европската Унија, вклучително и заштита на правата на сите етнички заедници во земјата.