Збогум Америко
Појасно од ова, не може да биде кажано. Новиот министер за одбрана на Америка, Пит Хегсет, контроверзниот кандидат на Трамп кој мораше да вети пред Конгресот дека нема веќе да пие, ги отвори картите пред министрите за одбрана на земјите членки на НАТО во Брисел вчера. За прв пат по Втората светска војна, „примарен фокус“ на неговата држава нема да биде Европа. Порача дека Америка се сели во Азија за да се соочи со растечкото влијание на Кина, потенцијалниот нов хегемон во светската политика.
„Срцевината на нашиот национален интерес е во Индо-Пацификот“, нагаси Хегсет. Во нови услови, ќе почне да се применува кон Кина некогашната политика на ограничување (containment) на некогашната советка моќ.
Всушност, се работи за една закономерност. Имено, анархичната структура на меѓународното општество на држави во кое отсуствува централна власт, предизвикува борба за моќ меѓу ривалските големи сили. Америка е спремна да стори се да го задржи светскиот примат и да не дозволи најголемиот ривал денес, Кина, да го заземе нејзиното место во хиерархијата на големите сили. Фактот дека никогаш една голема сила не останала вечно на првата позиција, дека, низ историјата на човештвото, се кревале ама и паѓале големите царства, не ја попречува Америка денес да даде сè од себе за да остане најсилната држава во светот. Во нејзината стратегија за безбедност стои дека Америка нема да дозволи да биде „претркана“ од било која друга голема сила.
Дали е можно да се поништи тој закон на политичката физика кој покажува на подеми и падови на големите сили? Веројатно не. Иако, многу книги се напишани на темата „Крајот на американската ера“ или „Падот на американското царство“, тоа не ги спречува актуелните американски политичари да се обидат да го одложат неизбежното.
Збогум Европо! Европа е во паника. Заштитени од американскиот нуклеарен чадор изминативе декади по Втората светска војна, државите на Европа се посветија на еден фантастичен проект: да го преобратат континентот чија историја е полна со војни, во зона на мир, демократија и невиден просперитет. И додека европските држави се посветија на изградба на светот на Кант, демократски држави кои не војуваат меѓу себе, Америка, во поза на гладијатор со исукан меч насочен кон СССР, живееше во светот на Хобс во кој мирот е само оддишка од перманентна војна меѓу државите. Под закрила на Америка, посветувајќи се на својата демократија и просперитет, европските држави создадоа место на планетата Земја во кое се живее најдобро, не само денес туку било кога во историјата на човештвото. Европските гласачи во целиот повоен период се определувале за „леб и путер“, а не за вооружување. Таа ера е зад нив и ќе мора да се прилагодат на новите реалности.
Пораката од Вашингтон е кристално јасна: „Нема веќе бесплатен ручек“. Имајќи ја предвид непопуларноста на политиката на вооружување и мачниот процес на донесување заеднички одлуки во ЕУ, никој не може да ја предвиди иднината. Во едно се согласни сите: Трамп сее хаос со своите политики но, како што вели самиот, за тоа го избрале Американците.
Ахиловата петица на Европа е, погодувате – Балканот. Што ќе се случи по повлекувањето на американската моќ? Кисинџер, еднаш напиша дека улогата на Америка на Балканот е онаа истата на Отоманското царство некогаш: да ги држи под контрола малите скарани балкански државички. И вистина, со членството во НАТО, се реши безбедносната дилема за тоа „што ми подготвува соседот“, дилема која често завршувала со војна во минати времиња. Така беше запрен процесот на натамошна „балканизација“ (фрагментација) кој почна со војните во Југославија, израз кој има пејоративнои значење во светот. Во повелбата на Организацијата за африканско единство потпишана во Адис Абеба на почетокот од шеесеттите стои дека африканските држави нема да дозволат балаканизација на нивниот континент.
Толку за нашите чести споредби со Африка.
Денко Малески