Македонија има 100 пати поголема површина со прашуми од официјално познатата

Додека во Македонија не е прецизирана целата површина со шуми на хартија, односно во Катастарот ја нема целата површина со шума во државата, во Германија се работи на проект за означување на карта на површините со македонски природни шуми и прашуми. Германската фондација „Еуронатур“ забележува нарушувања од градежни активности или шумски пожари.

Отидовме во јужниот германски град Радолфцел за да разговараме со експерти во фондацијата, која покрај овој има и бројни други проекти во Западен Балкан.

„Овие прашуми и природни шуми имаат голема вредност. Од една страна, за заштита на климата, бидејќи тие претставуваат неверојатно моќни складишта на јаглерод. Од друга страна, тие имаат и важна приспособливост кон климатските промени. Тие апсорбираат поголеми количини на дожд од кој било друг вид шума. И бидејќи го можат тоа, бидејќи го имаат овој неверојатен капацитет за задржување на водата, тие се и добар браник кој во време на суша, сувост и топлина го лади пределот и создава подобра микроклима. Покрај тоа, во прашумите и природните шуми живеат и загрозени видови. На пример, може да се наведе балканскиот рис како водечки вид, но тоа е само едно од многуте нешта и сите овие работи, сите овие фактори ја сочинуваат неверојатната вредност на овие прашуми и природни шуми. Прашумите сочинуваат само 0,7% од шумската површина во Европа. Значи, една мала количина, која токму затоа има неверојатна вредност“, објаснува раководителот на програмата за заштита на шумите во „Еуронатур, Зигмунд Мисал.

Зигмунд Мисал Еуронатур

Се користат сателитски снимки, анализа на хлорофил, податоци од партнерска организација и посети на терен за да се изработи потенцијална карта со шуми и прашуми во Македонија и другите земји од Западен Балкан.

„Нашите партнери на терен исто така направија картографија и наидоа на многу поголеми количини на прашуми и природни шуми отколку што досега беше познато. Мислам дека последната состојба на површини со прашума, која официјално важи за Македонија, се само околу 400 хектари и претпоставуваме, врз основа на податоците што грубо ги разгледавме, дека овде треба да сметаме на 100 пати поголема површина“, вели Мисал и додава: „Во потенцијалните области што ги идентификувавме, исто така откривме шумски нарушувања, вклучително и преку сателитско согледување, при што може да се работи за чистење на теренот или за шумски пожари. Да“.

Во Македонија се правела анкета за утврдување на изворите на загрозување на шумите.

„Во Македонија побаравме од нашите партнери да ги прашаат сите засегнати страни што ги познаваат и до кои имаат пристап и оваа анкета откри дека најголемата закана е нелегалната сеча во шумите. И ова е првенствено со цел добивање дрвна маса. Има и уништување на шумите за да се создаде рудник или уништување на шумите за да се создаде површина за градење, но најголемиот дел од тоа е едноставно сечење на дрвјата, сеча за да се добие дрвото. Втората најголема закана, за која зборуваат луѓето на терен, се пожарите, шумските пожари, а трет најголем фактор, интересно е што е законското сечење дрвја“, вели Мисал.

Во германската организација очекуваат притисокот за заштита на шумите да дојде првенствено од локалното население, а потоа и од Европската комисија.

„Секако се надеваме од една страна дека националнaта влада сама ќе преземе акција за заштита на овие вредни области. Се надеваме дека граѓаните на европските земји ќе ги притиснат нивните влади да ги заштитат овие области. А, од друга страна, со стратегијата на ЕУ за биолошка разновидност 2030, постои притисок и од страна на Комисијата овие шуми да се стават под строга заштита. Ова е јасно закотвено во регулативата на Комисијата, во упатствата на Комисијата за мапирање и строга заштита на прашумите. И ние сакаме да го искористиме овој лост за да извршиме притисок врз земјите на ЕУ од една страна, но од друга страна, оваа регулатива на ЕУ ги погодува и земјите-кандидати, бидејќи порано или подоцна и тие ќе мора да се усогласат со ова барање на ЕУ. Ова е лостот којшто пред сѐ сакаме да го искористиме“, објаснува Мисал.

Извршниот директор на фондацијата, Габриел Швадерер, објаснува дека нелегалната сеча спаѓа меѓу најзначајните криминали во светот.

Габриел Швадерер Еуронатур

„Значи, покрај трговијата со оружје, трговијата со дрога и трговијата со луѓе, трговијата со нелегално исечените дрва е една од најважните нелегални активности. И тоа покажува колку оваа област, овој сектор е атрактивен за криминалните организации. И има многу земји низ светот каде што тоа е многу добро документирано. Во Европа интензивно се занимававме со ситуацијата во Романија. Од таму можеме да покажеме дека нелегалната сеча, која е поврзана со корумпираните мафијашки структури, има многу, многу негативно влијание, има многу негативни ефекти врз старите шуми, врз природните шуми и врз прашумите. И ние цврсто веруваме дека има такви случувања и такви слични процеси на целиот Балкан“, нагласува Габриел Швадерер, извршен директор на фондацијата „Еуронатур“.

Согорувањето дрвата и дрвните продукти треба да се намалува, бидејќи тоа е штетно за климата, укажува Швадерер.

„Каде се користат пелетите? Прво, се разбира, во поединечни системи за согорување, во кои се заменува греењето на гас или нафта, но и во многу големи размери. Се планира да се преопремат централите на јаглен за да може во иднина да се користат на дрво. А, тоа е фатално за заштитата на климата. Ова е фатално за зачувување на природата. Ова е исто така исклучително негативно за биодиверзитетот, за биолошката разновидност и за функцијата на шумите за задржување на водата. Имајќи го ова на ум, гледаме многу скептично на понатамошното горење на дрвo. Генерално, горењето дрво енормно го зголемува притисокот врз искористувањето во шумите. Имајќи го ова на ум, ние го отфрламе понатамошното производство и горење пелети. Сметаме дека ова е ќорсокак во вистинска смисла на зборот“, објаснува Швадерер и додава: „Во основа e многу, многу тешко, ако не и невозможно, да се одреди потеклото на пелетите. Изработувачите и производителите, но и продавачите на пелети главно молчат за потеклото на пелетите. Дури и ако истражувате, тешко дека постои начин да откриете од каде на крајот потекнува суровината“.

Во германската фондација согледуваат притисок од индустриското производство врз балканските шуми.

„Производството на пелети е индустриски процес, кој се одвива во фабрика. Таму е уште потешко да се докаже од каде всушност потекнуваат суровините. И, ние цврсто веруваме, бидејќи вкупната побарувачка за пелети или друго дрво за горење е енормно зголемена, дека притисокот врз балканските шуми во последните години се има исто така енормно зголемено. Еве една бројка: само во Германија, потрошувачката на пелети е двојно зголемена во последните 10 години“, вели извршниот директор на фондацијата „Еуронатур“ и додава: „Она што секако го знаеме од минатото е дека шумските пожари на многу места беа намерно подметнати од шпекулативни причини. И многу добро можам да замислам дека е така и сега, да се подметнуваат шумски пожари за да се здобие предност за потоа, така да се каже, да се легализираат дрвата што всушност се сечени на диво. Можам многу добро да замислам таков пристап, особено ако се има предвид дека илегалната трговија со дрва е една од најважните нелегални активности во светот“.

шуми

Во македонското Обвинителството ни беше посочено дека недостатокот на прецизна евиденција на шумските појаси го отежнува процесуирањето на случаите со шумските пожари. Министерството за земјоделство и шумарство ни објасни зошто е тоа така.

„Ако се фати сторител на лице место не може да се санкционира за палење или за сеча на шума, затоа што на хартија стои дека таа површина е пасиште. Најверојатно со одлука на Влада овие површини ќе се внесат во Катастарот како шума“, објаснуваат во Министерството за земјоделство и шумарство.

Од Катастарот нѐ информираа дека оваа иституција не оди на терен за да ја попише шумата, туку дека исклучиво постапува по пријава.

„Можеме да видиме колку шума е запишана кај нас, но немаме евиденција на пример, колку шума има целата територија на државата. Не поседуваме информации дали некоја парцела која е заведена како земјоделско земјиште во меѓувреме мажеби станала шума, или спротивно, некоја шума во меѓувреме да била ископачена и претворена во нива, доколку за тоа не е поднесена соодветна пријава“, информираат од Агенцијата за катастар на недвижности.

 

 

(продолжува)

Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева

Соработник: Станимир Вагленов

Извор: НОТА

Изработката на овој текст, како и на документарно-истражувачкиот филм „Шумите во пламен“, е поддржана од Journalismfund Europe.

Back to top button
Close