Тилда Свинтон доби почесна „Златна мечка“ за животно дело
Годинашниот 75. Меѓународен филмски фестивал во Берлин, попознат како Берлинале, беше отворен синоќа со доделување на почесната „Златна мечка“ на шкотската глумица Тилда Свинтон.
– Мислам дека има многу малку луѓе во филмскиот свет кои се поповрзани со Берлин отколку Тилда Свинтон, рече режисерот Едвард Бергер на свеченото отворање.
Во својот говор при прифаќањето на наградата, Свинтон го пофали фестивалот како „кралство без граници и без политика на исклучување, прогонство или депортација“, алудирајќи, меѓу другото, на политиката на САД кон нелегалните имигранти, пренесува „Варајети“ (Variety).
– Големата независна кинематографија е вродено инклузивна – имуна на напорите за окупација, колонизација, преземање, сопственост или запоседнување на имотот на ривиерата. Државно спроведеното и меѓународно овозможеното масовно убиство во мигов активно тероризира повеќе од еден дел од нашиот свет… Ова се факти. Треба да се соочиме со нив! Значи, да бидам јасна – ајде да го именуваме. Нехуманото се извршува „пред нашите очи“. Овде сум да го именувам тоа без двоумење или сомнеж во мојот ум и да им ја дадам мојата непоколеблива поддршка на сите оние кои го препознаваат неприфатливото самозадоволство на нашите влади зависни од алчност, кои се здружиле со уништувачите на планетава и воените злосторници, од каде и да доаѓаат, рече британската глумица.
По свеченото доделување на „Златната мечка“ за животно дело, во рамки на воннатпреварувачкиот дел беше прикажан новиот филм на германскиот режисер Том Тиквер – „Светлина“. За време на отворањето на свеченоста, говорниците укажаа на нападот што се случи во јужниот германски град Минхен, кога Авганистанец влета со автомобил во група луѓе и повреди околу 30 лица.
Пред свеченото отворање, неколку актери, како и новата режисерка на Берлинале – Триша Татл, изразија солидарност со израелскиот глумец Давид Куни, кој е заробен од Хамас.
Берлинале веќе има углед на фестивал што поизразено се сосредоточува на политички теми. Така, недалеку од отворањето на фестивалот, и неколку демонстранти протестираа со натписи „Слободна Палестина“.