Османи: Наместо да се дефокусира јавноста со промена на државниот грб, треба да се фокусираме на уставните измени

Поранешниот министер за надворешни работи и функционер во Демократската унија за интеграција, Бујар Османи, смета дека фокусот на државата треба да бидат уставните измени кои ги отвораат поглавјата за преговори со Европската Унија.

Ставот на Османи доаѓа откако овие денови се актуализира прашањето за промена на државниот грб.

 

 

 

 

 

Според Османи, ова е дефокусирање на јавноста. Тој во објава на неговиот профил на Фејсбук вели дека граѓаните сакаат владеење на правото, повисоки плати, посилна економија, образование и квалитетно здравство.

Тоа, како што вели Османи, не може да се постигне без напредување во европската интеграција.

„Наместо да ја дефокусираме јавноста со дебати за промена на грбот, или други симболи, треба да го вратиме фокусот на уставните измени кои ги отвораат поглавјата од преговорите со ЕУ“,се вели во објавата на Османи.

Сега, вели Османи, е време за храбри одлуки кои носат опипливи резултати за луѓето.

 

 

Премиерот Христијан Мицкоски пред два дена потврди дека партиите од владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ го отвориле прашање за промена на државниот грб. Тој потсети дека договор за менување на државниот грб имало и меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Демократската унија за интеграција (ДУИ) уште во 2014 година, кога двете партии беа во иста влада, во времето на поранешниот премиер Никола Груевски.

Вчера, градоначалникот на Тетово и претседател на Движењето Беса кое е дел од коалицијата „Вреди“, Билал Касами, изјави дека поддржува секакви промени на Уставот, кои, како што вели, предвидуваат менување на државните симболи поврзани со минатиот општествено-политички систем.

Според Касами, тие како партија се подготвени да разговараат за пакет уставни измени, кои освен грбот ќе вклучат и промена на химната, како и формулацијата „јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните“.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, вчера рече дека нема договор со ВМРО-ДПМНЕ за промена на државниот грб, но оти разговараат за сите отворени прашања.

Меџити вели дека никој не може да го оспори фактот што и државниот грб и националната химна потекнуваат од, како што рече, комунистичко време и не ја одразуваат реалноста онака како што треба, а отворено е и прашањето за албанскиот јазик.

Согласен со Меџити денеска беше и министерот за здравство Арбен Таравари кој одговарајќи на новинарско прашање во врска со промената на државниот грб, рече дека се подготвени да разговараат за пакет мерки со кои ќе се решат сите заостанати прашања од минатото додавајќи дека Македонија е една од ретките постсоцијалистички држави чијшто грб не е сменет.

Коментирајќи на темата, лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, вчера на прес-конференција рече дека доколку има иницијатива за промена на државниот грб, тие најостро ќе се спротивстават.

Тој рече дека првата дилема што се поставува е дали можеби внатре во коалицијата со „Вреди“, покрај за измена на државниот грб, не се разговара и за измена на химната.

 

 

 

Back to top button
Close