ФУКАРА СИ Е ФУКАРА

Ѓаволот пак си ги дави децата

Си немал ѓаволот работа, си ги давел децата.

Толку ли немаат работа во Владата, па паднале на муабет државниот грб да го менуваат? Да ни создаваат проблеми кај што ги немаме. Цел свет се тресе со каква генијална идеја утре ќе се разбуди Трамп со фломастерот в рака, а  ние ќе си лекуваме фрустрации од детството.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека „ние сме една од двете држави постсоцијалистички коишто сѐ уште државниот грб го имаат оној стариот“.  Е до грбот е стасана работава. Држава која процветала во социјализмот, откако народот кој активно се борел против фашизмот конечно се изборил за сопствена држава, со влади кои триесет години се менуваат, а досега не успеаја ни да го варосаат тоа што е изградено баш во социјализмот, и на која странски амбасади ѝ го реставрираат културното наследство од антиката до антифашистичката борба, ќе го менува грбот дека бил – социјалистички.

И што е тоа на грбот што не ја отсликува Македонија? Што има немакедонско на грбот, па макар бил и социјалистички? И со која сликичка на грбот е повредено националното чувство на било кој граѓанин?

Не е до грбот проблемот. И не е до социјализмот. Туку до тоа што ние сме постсоцијалистичка држава што 33 години тоне во немилосрдна кражба од владејачките елити. И уште не доживеавме ниедна власт што тоа сака да го смени.

Промената на грбот не значи само промена на личните карти, пасошите, свидетелствата, табли на државните институции, тендери и јавни набавки на сето ова. Туку, кога веќе се отвара темата за грбот, тоа си повлекува расправа за промена и на химната, па ставање албански јазик во Уставот, промена на имињата на тетовските улици со имиња на балисти… Ехее, малку ли има теми за нова тура омраза Македонци – Албанци? Па ај сега и за сликички војна да направиме.

Дополнително се истакна коалициониот партнер Арбен Таравари, кој рече дека прво треба да се решат етничките прашања, па потоа да се фокусираме на економиските прашања, антикорупцијата и евроинтеграцијата. Оти тој, како лекар-специјалист, знае дека од сиромаштија и корупција не се умира, ама ако грбот е социјалистички, тоа е веќе животозагрозувачка состојба.

Што има да се секираме за високи сметки за струја и за скапа храна по маркетите? За грбот ќе се секираме.

Во духот на мултиетничкиот карактер на државата, и кај Македонците и кај Албанците кога се зборува за сиромав човек се има одомаќинето турскиот збор фукара. Албанците викаат „ем фукара, ем фодул“, а ние Македонците ја користиме турската изрека „ем фукара, ем сики бујук“. Пардон мај френч, ама како и да е правилно, и на македонски и на албански и на турски јазик – фукара си е фукара. Си се разбираме и едните и другите и третите. И сите други од Преамбулата на Уставот.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close