Писториус до Венс: Неприфатливо е да се споредува Европа со авторитарни режими

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус му возврати на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс за неговите забелешки во врска со демократијата во Европа, нарекувајќи ги „неприфатливи“.

Венс денеска, на безбедносната конференција во Минхен, упати критики кон Европа за, како што рече, слободата на говорот, која според него била „во назадување“ на континентот.

„На многумина од нас од другата страна на Атлантикот ни се чини дека стари закоравени интереси се кријат зад грдите советски зборови како погрешни информации или дезинформации, и се користат зашто на некои не им се допаѓа идејата дека некој со алтернативен поглед може да искаже поинакво мислење или, не дај Боже, да гласа поинаку, или уште полошо, да победи на избори“,

рече Венс.
Писториус се обрати во Минхен два часа по Венс, и рече дека не можел да не го прокоментира говорот на американскиот потпретседател додавајќи дека е горд што живее во Европа, „каде што демократијата се брани од внатрешни и надворешни непријатели“.

„Ако добро го разбрав, тој ја споредува состојбата во делови од Европа со состојба во авторитарни режими. Тоа е неприфатливо и тоа не е дел од Европа и од демократијата во која јас живеам и во која во моментов сум во кампања“,

рече Писториус.
Осврнувајќи се на ситуацијата во Украина, германскиот министер порача дека „кршлив мир што само го одложува војувањето не е опција“.

„Пристапувањето на оваа земја во трансатлантската алијанса мора да биде дел од можните мировни преговори. Ова не треба да доведе до кревок мир кој само би ја одложил војната“,вели Писториус.

Венс, исто така, рече пред европските лидери дека ако „владеат во страв од своите гласачи, Америка не може ништо да стои за нив“. Тој додаде дека ниедна демократија не може да опстане ако им кажува на милиони свои гласачи дека нивните грижи „не вредат да бидат земени во предвид“.

Back to top button
Close