Хаос во Минхен: нов шериф во градот

 

Денко Малески

Вчера, потпретседателот на Америка внесе хаос на минхенската конференција за безбедност со скандалозни обвинувања упатени до европските политичари дека со своите постапки ги загрозуваат демократските вредности кои ги споделуваат со големиот сојузник преку Атлантикот. Споделуваат? Тоа го кажа претставникот на претседател кој, како вистински диктатор, потпиша сто извршни наредби уште првиот ден на власт. Бегате како преплашени од своите гласачи, ги обвини Венс европските политичари, предупредувајќи ги дека без демократски мандат од граѓаните ништо нема да постигнат во годините што доаѓаат. Што сакаше да каже со тоа? Алудираше на консенсусот помеѓу европските либерални и конзервативни партии да не и се дозволи на екстремната десница да стане дел од извршната власт. Дека зборува во поддршка на десницата, Венс го демонстрираше така што наместо средба со канцеларот Шолц, кој, според непримерната изјава на член на американската делагција, „и онака нема да биде на власт долго“, потпретседателот на Америка се сретна со Алис Веидел, од десничарската Алтернатива за Германија,за која Илон Маск ќе рече дека е единствениот спас за Германија.Во таа опасна игра која може да доведе до подем на национализмот и фашизмот и до хаос во Европа, Венс во својот говор побара широко да и се отворат вратите на десницата и да падне уште еден зид, но овој пат не Берлинскиот, на што повика претседателот Реган, туку политичкиот зид кон екстремната десница. Имено, постои нешто што, во политиката на европските демократии се нарекува „заштитен зид од пожари“ кои би можеле да ги предизвикаат десничарите со своите политики кон нацистичкото минато и против муслиманите и другите мигранти, доколку би дошле на власт. Во старите европски демократии кои минале низ горкото искуство од Втората светска војна и подемот и падот на фашизмот, постои непишана согласност, меѓу либералите и конзервативците, духот на национализмот и фашизмот да се држи затворен во шише. Поинаку кажано,, преку разни коалициски маневрирања, на екстремните десничари да не им се дозволи да ја превземат извршната власт. Во поддршка на тој концепт, демократска Германија, изминативе децении, храбро се соочи со своето нацистичко минато предупредувајќи го светот не само што Германците им сториле на Евреите туку што еден народ може да му стори на друг во услови да диктатура. Оттаму и чувствителноста на јавното мислење во земјата на изјавата на висок функционер на десничарската партија Алтернатива за Германија дека „не сите членови на СС биле лоши луѓе“, или повикот на Маск, Германците да престанат да чувствуваат вина за она што го сториле нивните татковци и дедовци.

Првиот настап на меѓународната сцена на потпретседателот на Америка Венс, на новиот министер за одбрана Хегсет, претходниот ден, или на министерот за ефикасност Маск, покажа дека се работи за лојалноста, за копии, наТрамп. Тоа, како што гледаме во процесот на именувања на нови функционери на администрацијата, е единствениот критериум за да се биде дел од тимот на „новиот шериф во градот“, израз на Венс. Нема веќе независни и мислечки луѓе на високи позиции како во претходниот мандат на претседателот кои знаева да му кажат „Стоп“на Доналд Трамп и да поднесат оставка ако треба. Забележувам дека лојалистите, не се баш уиграни. Додека потпретседателот Венс ги осуди европските политичари дека ги газат демократските вредности, на истата конференција,министерот за одбрана Хагсет вели: „Не можеш да пукаш со вредности и со говори, потребна ти е воена сила“. Всушност, ако некој не треба да зборува за демократски вредности, тоа е американскиот претседател и оние именувани од него. Европа е таа која треба наредниве четри години да ја спасува демократијата во светот. Под услов прво да може да се спаси себеси.

 

 

Back to top button
Close