Филмски факт: Како Модиљани (не) го победил Пикасо на сликарски натпревар

 

Пишува: Стојан Синадинов

Што се случува кога некоја мисла на славниот филозоф Хегел ќе залута во писанијата за некој филм? Посебно кога сакате да анализирате филм кој не апсолутно биопик, туку слободна интерпретација на нечија биографија?

За почеток на ова издание на „Филмски факт“, Хегеловата максима „ако вистината не одговара на фактите, дотолку полошо за вистината“, совршено му одговара на филмот „Модиљани“ од 2004, во режија на Мик Дејвис, со Енди Гарсија, Елза Зилберстејн, Омид Џалили, Иполит Жирардо, Удо Кир, Петер Капалди, Луј Илер, Ева Херцигова, Дан Астелиану… „Модиљани“ е снимен на локации во Букурешт, Романија, а во филмската екипа е забележлив голем број на романски актери и филмски професионалци на разни креативни позиции.

Сторијата на „Модиљани“ е сместена во Париз во 1919 година, и на полубиографски (или, ако сакате, квазибиогарфски) начин ја портретира последната година од животот на италијанскиот сликар и скулптор Амедео Модиљани (Amedeo Clemente Modigliani, 1884-1920). Фокусот на филмот е трагичната судбина на Модиљани (Гарсија)  и неговата љубов Жан Ибитерн (Зилберстејн), преплетен со конструктивното ривалство на сликарот со неговиот славен колега Пабло Пикасо (Џалили). Амедео е роден во италијанскиот град Ливорно, во еврејско семејство чија лоза се протега до холандскиот филозоф од 17 век Барух Спиноза.

По првичната уметничка наобразба кај роднокрајните мајстори на сликарството, Модиљани во 1906 пристигнува во Париз, но за време на неговиот живот не успеал да ја добие заслужената валоризација на неговото творештво. Децении подоцна сликите на Модиљани беа прогласени за ремек-дела и рушеа рекорди на аукциите и кај галеристите ширум светот.

Љубовната врска со Ибитерн, млада и убава француска девојка од строго католичко семејство, најпрвин е крунисана со дете, но огромното противење на семејството на Жан (кои го ѝ одземаат детето и го праќаат на чување во манастир) создава уште поголем притисок врз Амедео и трагичен крај на нивната љубов, која слободно може да се опише како безвременска. Како и да не биде кога името Амедео на италијански јазик е исто што и Амадеус на германизиран латински јазик, односно Богољуб или Теофил на македонски јазик. Амедео Модиљани и Волфганг Амадеус Моцарт имаат фрапантно слична животна судбина.

И, патем речено, иако овој избор на „Модиљани“ во рубриката „Филмски факт“ не беше раководен од тој мотив, филмот за несреќниот сликар и неговата трагична љубов е како „измислен“ за денот кога се празнува „Сент Валентајн“.

„Модиљани“ ја раскажува таа животно-љубовна сторија низ флешбекови, а во прв план е фокусиран на очајничките напори на Модиљани да успее како сликар (за време на животот продал одвај неколку слики за малку пари), па неформалниот годишен конкурс во Париз, каде што периодот непосредно по Првата светска војна е убедливо најголемата концентрација на генијални уметници. Освен Модиљани и Пикасо, во филмот се присутни сликарите и скулпторите Жан Кокто, Пјер-Огист Реноар, Клод Моне, Диего Ривера, Фрида Кало, Морис Утрило, Макс Жакоб, Хаим Сутин, Морис Кислинг, поетот и влијателен галерист Леополд Зборовски… Галеријата, или подобро речено Пантеонот од ликови, е надополнет и со интелектуалната елита предводена од писателката Гертруда Стејн.

Фиктивниот годишен ликовен конкурс во Париз – чиј победник освен примамлива парична награда добива и шанса да изложува во најпрестижните галерии, а неговите слики високи откупни цени – е последната шанса за Модиљани да се извлече од потешкотиите.

За разлика од филмската сторија, фактите од реалноста нудат поинакви информации за тој настан.

Иако на почетокот на филмот дисклејмерот посочува дека сите прикажани слики не се вистински дела на уметници, ликовните критичари сметаат дека Пикасовиот портрет на Модиљани, со кој подоцна славниот уметник учествува на фамозниот конкурс, претставува речиси совршена копија, многу верна на стилот на Пикасо од тој период. Потоа, иако Пикасо во филмот е прикажан како веќе етаблиран сликар на париската сцена, речиси нејзина водечка ѕвезда, фактите велат дека тој ја стекнал таа слава неколку години подоцна.

Филмот содржи и намерни историски грешки, односно анахронизми, па така во него се појавува мексиканската сликарка Фрида Кало (позната и по страсната, но турбулентна врска со Диего Ривера): Фрида е родена во 1907, а во филмот кој се случува во 1920 е прикажана како возрасна личност, а не како девојче на 13 годишна возраст, колку што реално имала; со Диего се венчала во 1929.

Единствената вистинска слика од реалноста што се појавува на финалниот натпревар е „Парче месо“ („Piece de Boeuf“) на Сутин, која е насликана три години подоцна, во 1923 година. Колку што нема веродостојна историска потврда дека Модиљани и Пикасо биле лути ривали, хрониките велат дека насловниот јунак на филмот негувал блиски пријателски односи со Утрило, Сутин, Ривера, Кислинг, Фуџита, Бранкуси, Шагал и Соуза Кардосо.

Во филмот Пикасо го запознава Модиљани со Пјер-Огист Реноар во 1920, а во реалноста Модиљани самоиницијативно го запознал Реноар во 1917 или 1918. Во 1918 Модиљани ја запознал и Жан Ибитерн, а нивната судбинска средба во филмот е лоцирана во 1919.

Во една од најромантичните сцени на филмот Модиљани и Жан играат на тактовите на музиката од песната „Живот во розово“ („La Vie en rose“) на славната шансониерка Едит Пјаф; песната сепак е напишана во 1945.

Режисерот Дејвис најпрвин му го испратил сценариото на Мартин Скорсезе, со молба тој да биде продуцент. Скорсезе му возвратил дека тоа е едно од најдобрите сценарија што го има прочитано, но го препратил во студиото 20th Century. Од студиото му поставиле два услови за реализација на сценариото: режисер да биде Ал Пачино, текстот да претрпи измени, а главната улога, Модиљани, да ја игра Џони Деп.

Дејвис сепак ја истуркал сопствената верзија на филмот, кој иако не доби пофални критики – напротив, некои од нив беа дури и отровни – и помина прилично лошо на киноблагајните, сепак го преживеа тестот на времето и сè уште е гледлив, и 20 години по неговата премиера.

А токму 20 години по „Модиљани“ на Дејвис, минатата 2024 година се појави нова биопик верзија за сликарот, во режија на Џони Деп, и со Ал Пачино во една од улогите. Деп ги портретира последните три дена од животот на Модиљани во филмот под наслов „Моди, Три дена на крилото на лудилото“ (Modì, Three Days on the Wing of Madness), со Рикардо Скамарчо во насловната улога, а филмот е снимен на локации во Будимпешта, Унгарија. (Вистиномер)

 

Back to top button
Close