Атина денеска без такси превоз
Таксистите во Атина од рано утрово започнаа 24-часовен штрајк и доставија низа барања, а грчката метропола денеска ќе биде без такси превоз.
Од Синдикатот на такси превозници соопштија дека преку штрајкот меѓу другото, бараат дозвола возилата да сообраќаат во специјалните сообраќајни ленти наменети за автобусите.
Бараат и да се реши проблемот со компании што изнајмуваат автомобили со возачи; да се запрат незаконските попусти и понудите од апликациите за такси услуги Убер и Болт, за кои велат, дека ја засилуваат нелојалната конкуренција.
Додаваат дека нивните барања се фер и ќе се борат до крај, а паралелно бараат поддршка како од грчката федерација на таксисти, така и од останатите синдикати на такси превозници да се вклучат во денешниот штрајк.