Падот на УСАИД и Груевски

Контроверзниот Илон Маск доби преголема контрола над владините агенции, наводно на незаконски и неуставен начин. Меѓу нив е и агенцијата за меѓународен развој УСАИД, за која тој реши да се затвори, заради наводни ненаменски трошења и валкани политички игри. Доналд Трамп се согласи со Маск, на што некои возвратија со протести и тужби, па дел од планот за згаснување на УСАИД е судски блокиран и тоа не е расчистено.

Поддржувачите на Трамп почнаа кампања за оцрнување на УСАИД, во што учествува и Маск, при што користи слаби аргументи – твитови од автори оценети како дезинформатори и конспиромани. САД порано доста се залагаа за борба против дезинформациите, но Маск тоа го разнебитува, што е сериозна деградација, а како штетно странско влијание тоа се пренесува и кај нас.

 

Влијанијата од САД кај нас

Во кампањата се вклучи и експремиерот Никола Груевски, кој сега поентира дека, ете, САД признаваат дека играле валкани игри низ светот преку УСАИД, чија жртва, наводно, бил и самиот Груевски, па згаснувањето на агенцијата делува како заслужена казна.

Груевски, неговите поддржувачи, па и некои други, тврдат дека УСАИД го помагале неговото соборување од власт, со финансирање опозициски движења, медиуми и сл., а примери за такви објави има: тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука и тука. За таа цел, УСАИД наводно соработувале со Џорџ Сорос, кому му дале големи пари, но неговата фондација Отворено општество тоа го негира.

И, интересно, самиот Груевски соработувал со УСАИД, во периодот 2000 – 2003 г., кога бил советник на министерот за финансии на Србија преку проект на УСАИД (извори: тука, тука, тука и тука), а имал и средба со Сорос во Прага во јуни 2011 г. (тука и тука). Груевски тоа го премолчува, а вели:

Она што го знаевме, сега самите Американци почнаа да го објавуваат во време на смена на режимот во Вашингтон. Дека државната агенција УСА ИД под водство на демократите му давала милиони долари пари на Сорос за рушење на владата која ја предводев

Ова се сериозни обвинувања од Груевски, а ние не можеме да судиме дали се тие точни, но и тоа како можеме да судиме за начинот на кој тој ги аргументира своите тврдења.

 

 

Слабите аргументи на Груевски

Со оглед дека Груевски бил премиер, тој би требало да има сознанија, кои се недостапни за обичните граѓани, но тој ги аргументира своите тврдења со банални скриншотови од Твитер.

 

Полуопскурната Мериса Хансен

Еден од скриншотовите, кои Груевски ги користи како доказ, е од полуопскурната твитерџика Мериса Хансен. Ние никаде не најдовме нејзина биографија, туку само штури податоци дека таа е „независна новинарка“, која се бавела со локални теми во Тексас.

Во нејзиниот твит, прикажан кај Груевски, самиот Груевски не е споменат и таму нема некои откритија – Сорос, наводно, спроведувал „операции“ во Македонија, за што го финансирале УСАИД, но Груевски тоа го тврдеше уште кога беше премиер пред речиси една деценија.

Хансен и не е сигурна во она што го вели, па во коментар под тој твит додава дека има непотврдени обвинувања (англ. allegations) дека тие пари од УСАИД биле за промена на власта во Македонија во периодот 2015 – 2017 г. Нагласуваме, непотврдени обвинувања.

Таа води и скромен сајт, во кој нема ништо особено и таа не е релевантен и кредибилен извор. Сепак, Груевски ја цитира небаре таа е авторитет, врвна новинарка и аналитичарка, која го претставува јавното мислење во САД. Тоа го следат и некои наши медиуми, па објавуваат наслови од типот „Хансен: УСАИД на Сорос му давал пари“, небаре јавноста знае која е Хансен.

Можно е Груевски дури да има комуникација со Хансен. Скриншотот објавен кај Груевски на 4.2.2025 г. го прикажува твитер-профилот на Хансен како неверификуван (без син беџ), а откако некои му замериле на Груевски за тоа што цитира сомнителни автори, профилот на Хансен наеднаш минал верификација и сега има таков беџ.

 

Ричард Гренел

Груевски приложил и скриншотови (тука и тука) од твитови (тука и тука) на Ричард Гренел, ексдиректор на разузнавањето на САД, дипломат и преговарач, што, за разлика од Хансен, е релевантна личност. Но, твитовите на Гренел немаат врска со Груевски, барем не директна.

Што е за право, Гренел ја споменува С. Македонија, но само како една од повеќето земји на Западниот Балкан, во кои, според Гренел, САД потрошиле премногу пари на погрешни агенди.

Тој наведува и колку било потрошено, но тоа е за периодот 2020 – 2024 г., кога Груевски воопшто не беше на власт. И, наведените бројки не се од владата на САД, туку од некој косовски медиум, а не знаеме колку е тој веродостоен. Ова не му личи на сериозен американски политичар.

Тука сфаќаме дека Гренел го интересира поблиското минато, т.е. колку трошела администрацијата на доскорешниот претседател Џо Бајден, кого републиканците како Гренел особено го напаѓаат, а не го интересира падот на Груевски, што е подалечно минато.

Гренел воопштено се жали дека САД потрошиле многу пари за промовирање низ Балканот на т.н. уок-агенди (ЛГБТ и сл.), на штета на конзервативните политичари, а иако Груевски можеби се препознал во нив, немаме доказ дека Гренел мислел на Груевски.

УСАИД, според Гренел, финансирале некакви „радикали“, во кои Груевски можеби ги препознал „Шарените револуционери“, но, повторно, немаме доказ дека Гренел мислел на нив.

Единствен политичар од Балканот, кого Гренел го споменува, е романскиот премиер и неодамнешен претседателски кандидат Марсел Чолаку, во смисла дека УСАИД наводно работеле против конзервативните политичари на изборите во Романија. Не знаеме дали Гренел е во право за тоа, но за нас сега е побитно дека Груевски тука го нема.

 

Аргументи на други македонски автори

Во кампањата против УСАИД се вклучија и други автори, кои шират еден клип (или исечоци од него) од Катарин О’Нил Џилихан, службеничка во Стејт департментот, а потоа и на УСАИД во првиот мандат на Трамп (2017 – 2021), која говори за наводни валкани игри на тие институции низ светот, вклучително и кај нас. Ова е поубедливо од аргументацијата на Груевски, но и ова е слабо.

Според Џилихан, нејзината канцеларија ја посетил Владимир Ѓорчев, кој се пожалил на наводно подривање на македонската влада од страна на САД. Ѓорчев засега ниту ја потврдил, ниту ја демантирал Џилихан (видете: тука и тука). Не е јасно ни кога точно ова се случило.

Трамп победи на изборите на 8.11.2016 г., по што Џилихан била дел од неговиот т.н. транзициски тим, а инаугурацијата била на 20.1.2017 г., па посетата на Ѓорчев била во 2016 – 2017 г. Сепак, поверојатно во 2017 г. Премиер кај нас тогаш беше Емил Димитриев, сопартиец на Ѓорчев и Груевски, а Груевски победи на изборите на 11.12.2016 г., но не успеа да формира влада. Можеби Ѓорчев сакал да каже дека САД вмешале прсти во тој настан.

Сведоштвото на Џилихан е штуро и без цврсти докази дека жалбите на Ѓорчев биле основани. Таа воопштено ги обвинува САД за валкани игри низ светот, но конкретно за Македонија не кажува многу – тука не се споменуваат други имиња, настани и сл. И, средбата со Ѓорчев била во Стејт департментот, а не во УСАИД, кај што Џилихан влегла во 2020 г., па овој случај нема врска со таа агенција, барем не директна. Не е јасно како ова докажува дека УСАИД играле валкани игри.

И, ако американскиот систем е толку трул, зошто Џилихан останала да работи во него? Според неа, Трамп наводно сакал да расчисти со тие негативности, но бил саботиран, соработниците му биле неспособни и сл., па зошто таа не излегла оттаму и не ја алармирала јавноста?

Џилихан тоа го прави дури сега, по речиси една деценија, веројатно заради кампањата на Маск и Трамп за оцрнување на УСАИД, па прашање е колку тврдењата на Џилихан се веродостојни. И, таа не ги изложила за реномирани светски медиуми, туку за еден подкастер, Тим Пул

Ние дури не најдовме детални биографски податоци за Џилихан, па се чини дека таа никогаш не била битен чинител во американската политика, а со публицитет таа се здобива дури сега.

Слободен печат објавиле клип со анализа за овој случај, но тука и нема некоја анализа, токму затоа што сведоштвото на Џилихан е штуро, па новинарот Срѓан Ивановиќ оценува дека тоа само по себе не е доказ, но може да биде поттик за идно истражување. Кога и дали тоа ќе се случи и има ли Џилихан нешто да додаде е под знак прашалник. Засега, ова е слабо.УСАИД и С. Македонија

Да се критикува УСАИД е легитимно демократско право, но кај нас тоа ги прејде сите граници. Се заборава дека првото испраќање на помош од УСАИД преку океанот било токму кај нас – за Скопскиот земјотрес во 1963 г. УСАИД ни помагале и за: реставрацијата на охридската црква Пресвета Богородица Перивлепта, археолошкиот локалитет Стоби, реновирање на школи, компјутери за деца со попреченост, опрема за царината и болниците, основање на Центарот за кризи, развој на општини (Градско, Кратово, Пехчево и др.), водоводи, електрификација, ширење на интернетот, помош за мали бизниси итн.

Сепак, некои обвинуваат дека УСАИД го собориле Груевски, наводно за полесно да се промени нашето уставно име, а други укажуваат дека тој беше авторитарен и корумпиран, па никаков УСАИД не бил потребен за да поттикне протести против него.

Некои сметаат дека дури и УСАИД да биле вмешани во тоа, тоа било позитивно, затоа што под Груевски сме биле заробена држава. Друг пример за тоа, но поекстремен, е Слободан Милошевиќ, кој беше озлогласен по авторитарноста, војните и шовинизмот, па неговото соборување, иако помогнато однадвор, многумина го сметаат за позитивно.

Мислења има разни, но ние само ќе заклучиме дека аргументите на Груевски се слаби. Тој 10 години владеел од нашите даноци, па од него имаме право да бараме нешто поаргументирано. Тој изнесува сериозни обвинувања, а како некогашен премиер, тој би требало да има искуство, извори и соработници за тоа посериозно да го аргументира, наместо со скриншотови од сомнителни извори.

Вангел Башевски

Вистиномер

Back to top button
Close