„Бугарска меморија“ против МАЕИ
Во Корча вчера почнало првото рочиште по тужбата на фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија, поднесена против македонската партија Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
„Споменатата фондација ја тужи МАЕИ и бара оштета од 10.000 евра и јавно извинување за клевета, бидејќи баравме од албанските власти да ја забрани дејноста на ова фондација во Албанија. Тоа, поради корумпирање на албански функционери за асимилација на Македонците во Албанија и дека има изградено криминална група која посредува со бизнисот со бугарските пасоши, издавањето на лажни потврди и влијанието на пописот на населението”, изјави за МИА претседателот на партијата, Васил Стерјовски.
Фондацијата „Бугарска меморија“ ја застапувале двајца адвокати од Тирана, додека МАЕИ ја застапувал претседателот Стерјовски.
На рочиштето присуствувал Љуфтим Спахиу, вршител на должноста македонски амбасадор, и претставник од бугарската амбасада. По повторената жалба што МАЕИ ја испратила до албанските институции и Народниот правобранител – дека не преземаат мерки против Фондацијата „Бугарска меморија“, на рочиштето вчера присуствувал и претставник на Народниот правобранител на Албанија.
„Со оглед на сериозноста на прашањето и неговите импликации за македонската заедница во Албанија, како и фактот дека Фондацијата „Бугарска меморија“ има за цел да го асимилира македонското малцинство и да ја попречи активноста на единствениот политички субјект што го застапува, побаравме од судското тело одложување на подготвителната седница”, посочи Стерјовски.
Причината за таквото барање било тоа што досега не успеале да обезбедат адвокат кој ќе ги застапува, а кој би го имал потребното време да се запознае со тужбата и да ја подготви одбраната.
„Замоливме да ни одредат нов датум за подготвително рочиште, за да ни овозможи соодветно правно застапување. Адвокатите на Фондацијата „Бугарска меморија“ се спротивставија на ова барање со образложение дека МАЕИ имаше доволно време, од јули 2024 година, кога е поднесена тужбата, да најде адвокат”, изјавил Стерјовски. Судијката го прафатила барањето на Стерјовски и ја закажала следна расправа на 8-ми април 2025 година.
Економијата ќе ја намали асимилацијата
Македонците во Албанија пред десетина дена одново предупредија дека се соочуваат со сериозна закана од бугарската асимилација, која го загрозува нивниот културен и етнички идентитет. На средба во Корча, МАЕИ побара помош од македонските политички партии.
„Предложивме сет мерки за кои сакаме да отвориме дискусија, а потоа Собранието на Македонија да усвои обврзувачка декларација што ќе ги гарантира нашите права. По донесувањето, неопходно е спроведувањето на оваа декларација да биде системски надгледувано од специјално формиран Совет на Владата, кој ќе осигура нејзина целосна имплементација“, изјави Стерјовски.
Од МАЕИ се заалгаат таа национална стратегија за поддршка да ги опфати економијата, образованието и културата на Македонците во Албанија, бидејќи ако се создадат поволни услови за економски развој, ќе се намалиме притисокот за миграција и барањето бугарски пасоши.
Откако во 2017 година кога Албанија почна да признава и бугарско етничко малцинство, бројот на Бугари во Албанија според последниот попис изнесува 7.957, а бројот на Македонци се преполови на 2.281. На претходниот попис од 2011 година 5.512 се изјасниле како Македонци.
На ваквите резултати лани реагираше „Друштвото Преспа“ – организација за заштита на правата на Македонците во Албанија.
„Бараме Европската Унија да преземе мерки против Република Бугарија која врши манипулација со Македонците во балканските држави, им дава бугарски пасоши како можност за емиграција во Западна Европа поради сиромаштијата во Албанија, под услов да потпишат писмена изјава дека се ‘Бугари по потекло‘“, реагираа од организацијата.
Македонските здруженија и партии во Албанија подолго време ја обвинуваат Бугарија дека со „бизнисот со бугарски пасоши“ врши асимилација на Македонците во земјатаМакедонските здруженија и партии во Албанија подолго време ја обвинуваат Бугарија дека со „бизнисот со бугарски пасоши“ врши асимилација на Македонците во земјата
Македонските здруженија и партии во Албанија подолго време ја обвинуваат Бугарија дека со „бизнисот со бугарски пасоши“ врши асимилација на Македонците во земјатаФотографија: BGNES
Кој кого искоренува?
Процесот на асимилација на Македонците во Албанија и натаму тече, преку решавање на егзистенцијални и други прашања – стипендии за студирање, набавка на компјутери, учебници, бесплатни прегледи, помош во лекови и бугарски пасоши.
Удел во маркирањето на можностите за таков настап има и собраниската Комисија за политиките за Бугарите во странство. Нејзини претставници вчера одржале средба во пресклубот на БТА во Босилеград, Србија, на која, како што пренесе агенцијата, учествувале пратеници, дипломати и претставници од академската заедница во Бугарија.
Пратеничката од ПП-ДБ, Елисавета Белобрадова, истакнала дека проблемите што се покренати на средбата се поврзани со потребата од насочена политика кон соседните земји на Бугарија, кои го омаловажуваат бугарското малцинство на нивните територии.„Бугарската држава треба да заземе курс кон целонасочена политика за зајакнување на правата и суштествувањето на Бугарите во соседните земји, политика која во моментов не постои“, посочила таа. Предложила со донесувањето на буџетот стратешки да се развие програма за промоција и поддршка на Бугарите, особено во соседните земји.
Во контекст на издадена публикација во Србија, во која се говорело за „шопска нација“ како нешто различно од етнички Бугари, критика упатил пратеникот Ангел Георгиев од „Преродба”.
„Шопска народност или македонска народност нема – и тоа треба да го кажуваме насекаде, дури и без повод. Вистината е на бугарска страна. Не треба да се дозволуваат фалсификати на историјата“, изјавил Георгиев.
“Ние треба да кажеме нешто многу важно – има Шопи, но тие се дел од бугарскиот етнос”, потенцирал бугарскиот генерален конзул во Ниш, Димитар Цанев.
Тој оценил дека експериментот со т.н шопска нација дошол „по успесите во искоренувањето на бугарската самосвест во Република Северна Македонија“.(dw)