Одбиено барањето на Палевски за изземање на обвинителките и на шефот на ОЈО, судењето продолжи со изведување докази

Љупчо Палевски-Палчо, првообвинет во случајот за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски

Основното јавно обвинителство Скопје донело решение дека барањето за изземање на обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска и на шефот на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски е неосновано. Барањето на минатото рочиште го истакна првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски-Палчо кој пред судот рече дека сега бара изземање за тројцата обвинители поединечно под нови околности и причини, односно пристрасност во водењето на постапката.

Одлуката денеска ја соопшти судијата Ивица Стефановски на почетокот на рочиштето по што продолжи изнесувањето материјални докази од страна на обвинителките.

Палевски повторно бара изземање на обвинителките и шефот на ОЈО Скопје – тврди дека фалсификувале докази.

Во судница се изведуваат шест цеде дискови со видеа од безбедносните камери поставени на куќата на обвинетиот Велибор Манев. На дисковите се наоѓа материјал од безбедносните камери, кој ги опфаќа деновите од 20 ноември до 3 декември 2023 година со 24 часовен надзор, а кои Судот на почетокот на денешното рочиште ги прифати да бидат дополнително изведени по предлог на Обвинителството.

На минатото рочиште се изведува докази, односно обвинителката наведе подолг список на предмети, од шишиња, догорчиња, вреќи, хард-дискови, ракавици, таблети, СИМ-картички, мобилни телефони… кои биле на местата каде што биле пронајдени телата на Вања и Панче, потоа во запалениот „ситроен” со кој била грабната Вања, зградата од каде што била грабната и од претреси на други простории.

Палевски од Турција планирал да отпатува за Москва, сугерираат доказите на Обвинителството

Меѓу доказите што ги наведе обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска беа и анализи на телефонската комуникација на првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо.

За грабнувањата и убиствата на Вања и Панче покрај Палевски обвинети се и Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски кој се гони за помагање. Сите петмина на почетокот на судскиот процес во октомври лани се произнесоа дека не се чувствуваат виновни. Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Back to top button
Close