Меџити: Минчев да не се однесува како копија на Апасиев, правичната застапеност на Албанците во институциите е уставна категорија

Минчев да се откаже од реториката на Димитар Апасиев и да не се однесува како негова копија – му порача првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити на својот владин колега од редовите на Движењето ЗНАМ – министерот за јавна администрација Горан Минчев.

Неговата реакција следува откако претходно денеска, реагирајќи на изјавата на Меџити оти за една година ќе се вработат илјадници Албанци во државната и јавната администрација, Минчев му порача да не ветува нешто што е нереално и невозможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување.

Во објавата на Фејсбук во која реагира на изјавата на министерот за јавна администрација, Меџити порача оти адекватната застапеност на Албанците во институциите е уставна категорија, му се допаѓало тоа на Минчев или не.

„Владата на Република Северна Македонија ќе го трансформира работниот однос од договор на дело во трајно вработување на околу 1 500 здравствени работници, од кои 750 се Албанци. Ова е она на што сме горди. Правичната застапеност на Албанците во државните институции е уставна категорија, непроменлива и неповратна, која се почитува и ќе се почитува, му се допаѓало тоа на Минчев или не!“,

пишува Меџити во објавата на Фејсбук. 

Министерот за јавна администрација претходно денеска оцени дека изјавата на Меџити за вработување на илјадници Албанци во администрацијата е класичен пример на, како што рече, предизборен популизам, без никаква правна или институционална основа.

Back to top button
Close