Со секира скршиле стакло и со бензин запалиле кафич во Кисела Вода
По спроведена истражна постапка, јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против вкупно три лица кои се товарат дека сториле – Тешки дела против општата сигурност по член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик.
Тројцата обвинети, во раните утрински часови на 13.11.2024 година, со пожар предизвикале значителна опасност за животот или телото на луѓето. Тие опожариле кафе бар во станбена зграда на улицата „Христо Татарчев“ во Скопје. Притоа на запалениот објект предизвикале и имотна штета од поголема вредност проценета на 362.161 денари.
Со автомобил „Фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од еден од обвинетите, пристигнале во близина на кафе барот. Додека обвинетиот останал да чека во возилото, останатите двајца отишле до деловниот простор. Едниот од нив со секира го скршил лизгачкото стакло од кафе барот, а другиот со бензин предизвикал оган. Потоа тројцата заедно со возилото заминале од местото на настанот.